МВР потврди дека се убиени дел од водачите на терористичката група

 

Министерството за внатрешни работи потврди дека во судирот во Куманово убиени се дел од водачите на терористичката група, Мирсад Ндрецај, алијас командант Нато и Бег Ризај, познат и како командант Бегу, и двајцата од Косово.

 

„По завршување на обдукцијата на починатите членови на терористичката група Министерството за внатрешни работи преку Одделот за меѓународна полициска соработка односно Бирото на Интерпол-- Скопје започна со процедурата на потврдување на идентитетот на лицата. Досега позитивно е потврден идентитетот на Мирсад Ндрецај роден 17.06.1979 од Косово таканаречен командант НАТО за кој постоеја сомненија дека е еден од лидерите на терористичката група. Пристигна позитивна потврда и на идентитетот на Бег Ризај роден 25.12.1977 од Косово познат како командант Бегу. Од починатите потврден и идентитетот на Нусрет Каљоши роден 18.04.1975 македонски државјанин“, соопштуваат од МВР.

Преку Интерпол потврден е и идентитетот на Сами Укчини, или командант Соколи, од Косово кој, исто така, бил водач на групата, а е меѓу уапсените. Продолжува постапката за утврдува на идентитетот на другите загинати лица.

Во судирот меѓу полицијата и вооружената група во Куманово загинаа осум припадници на безбедносните сили и беа најдени 14 тела на припадници на терористичката група. 

Полицијата како водачи на групата ги посочи Ндрецај, Соколи, Мухамед Красниќи - Малишева, Бег Ризај Бегу и Деме Шеху - Јунику. Ндрецај и Бегу се меѓу убиените, додека останатите тројца се уапсени.

Ндрецај беше осомничен дека ја предводел и групата којашто на 21 април ја нападна полициската станица во Гошинце, во близина на северната граница.

 

 

Оцени ја веста

14.05.2015 - 20:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега