Живко Митрески: Ќе продолжиме во унапредување и заштита на работничките права

Сојузот на синдикати на Македонија од пред неколку години го прославува Меѓународниот ден на трудот со кампањи со кои иницира законски решенија за заштита на работничките права. Како годинава ССМ ќе го одбележи 1 Мај?

- Сојузот на синдикатите на Македонија согласно своите програмски определби секоја година традиционално го одбележува Меѓународниот ден на трудот, 1-ви Мај.

Согласно Одлуката на Советот на ССМ донесена на 16-тата седница одржана на 21 април, Меѓународниот ден на трудот ќе го реализираме со марш на солидарноста кој ќе започне со собирање на платото пред зградата на ССМ во Скопје до 12 часот.

Учесниците на маршот ќе се движат по утврдена патека од пред зградата на ССМ во Скопје покрај Собранието на Република Македонија, а на манифестацијата ќе биде прочитан првомајскиот манифест со неколку пораки: Колективни договори за сите, За сигурни работни места, работен однос на неопределено време  и Сигурни плати за сите работници.

Сојузот на синдикатите на Македонија годинава со оваа манифестација активно ќе се вклучи во вкупните активности што ќе ги реализираат ITUC и ETUC, а кои ќе бидат фокусирани на обезбедување на колективни договори за сите работници, односно и таму каде што ги нема. Активностите во текот на годината ќе бидат насочени и кон обезбедување на сигурни работни места, работен однос на неопределено време и сигурни плати за сите работници.

Како резултат на спроведените кампањи изминатите години беа донесени Законот за минимална плата и измените на Законот за безбедност и здравје при работа. Како сте задоволни од нивната имплементација?

- Останувам на ставот кој сум го потенцирал повеќепати досега во моите излагања дека самото донесување на Законот за минимална плата во РМ (Службен весник бр.11 од 10.2.2012 година) е историски успех за синдикализмот во Република Македонија.

 

Со донесувањето на законот во старт платата на најниско платените работници во Република Македонија беше зголемена за речиси 100 проценти. Пред донесувањето на Законот за минималната плата, најмалите плати беа во висина од 4.500 до 5.500 денари, а со донесувањето на законот истите се исплатуваа во висина од 8.050 денари. На барање на ССМ постигната беше согласност со социјалните парнери започнувајќи од март 2014 година минималната плата да изнесува 8.800 денари, што значи зголемување од 9,32 проценти. Во март 2015 година износот на минималната плата е зголемен за 8,98 проценти и истата изнесува 9.590 денари, а од март 2016 година минималната плата ќе биде повисока за 25,22 проценти од сегашната и ќе изнесува 10.080 денари.

Секторите текстил, кожа и чевли во 2016 година ќе имаат зголемување од 31,21 проценти, а во 2018 година, кога ќе се изедначат со другите вработени, платата ќе им биде за 46,96 проценти поголема од таа што ја примале во 2012 година кога почна примената на Законот за минимална плата.

Не велам дека минималната плата во целост ги задоволува реалните потреби на работниците, но ако направиме споредба во однос на претходно кога воопшто немаше ништо во делот на оваа регулатива, во секој случај има огромен напредок затоа што околу 65 илјади работници во Република Македонија пред донесувањето на овој закон примаа плата до 4.500 денари, а сега тој износ е 9.590 денари, односно со предвидената динамика платите растат побрзо од трошоците на живот, што е огромна придобивка на синдикалното движење.

Покрај платите, здравите и безбедни услови за работа на работниците беа приоритет во делувањето на ССМ во изминатиот период.

ССМ е активно вклучен во креирањето на политиките и стратегиите на државата за обезбедување на здрави и безбедни услови за работа како императив на концептот на МОТ за пристојна работа. Најзначаен придонес во унапредувањето на здрави и безбедни услови за работа во компаниите ССМ обезбедува преку директното учество на наши преставници во Националниот совет за безбедност и здравје при работа.

ССМ учествуваше со свои забелешки, мислења и предлози при донесувањето на Законот за безбедност и здравје при работа во 2007 година, а како актуелен социјален партнер во државата, посебно беше фокусиран на следењето на имплементацијата на Законот во практиката. Во 2014 година, ССМ покрена иницијатива за измени на Законот во делот на информирањето, консултирањето и активното учество на синдикалниот претставник, покрај претставникот на вработените за безбедност и здравје при работа во креирањето на здрави и безбедни услови во работните средини. Иницијативата на ССМ беше поддржана од социјалните партнери и во 2014 година беа донесени измени на Законот за БЗР кои преставуваа негово квалитетно подобрување.

 

Суштината на измените на законот е да се обезбеди активна улога на претседателот на синдикалната организација, како и на претставникот на вработените за безбедност и здравје при работа, при преземањето на мерки и активности за обезбедување на здрави и безбедни услови за работа во работните средини.

Со измените на законот работодавачот е должен да обезбеди мислење од синдикатот за изјавата за безбедност за секое работно место, да се консултира и соработува со вработените и со претседателот на синдикалната организација при планирање и набавка на работна опрема, да ги информира вработените и претседателот на синдикалната организација за секој вид на ризик за сите работни места, за безбедносните мерки потребни за контрола на ризиците и елиминирање на штетните последици, да ја презентира изјавата за безбедност и извештајот за безбедност при работа, како и спроведените мерки за безбедност и евиденција, пред вработените и претседателот на синдикалната организација и друго.

Со измените на Законот, претседателот на синдикалната организација има право да ги обиколи работните места поради согледување на состојбата во врска со безбедноста при работа, да побара од работодавачот да преземе соодветни мерки и во таа насока да поднесува предлози со цел да се намалат опасностите за вработените и да се отстранат изворите на опасностите, да ја извести инспекцијата на трудот за нејзино посредување, задолжително писмено да биде известен од страна на работодавачот, веднаш, а најдоцна во рок од 48 часа од настанот, за смртен случај, колективна несреќа како и за секоја појава која претставува непосредна опасност и ја загрозува безбедноста на вработените при работа и друго.

Со овие одредби Законот за БЗР овозможува активна улога на претседателот на синдикалната организација кој заедно со претставникот на вработените за безбедност и здравје при работа ќе имаат реални и прецизно дефинирани задачи да делуваат во насока на создавање на здрави и безбедни услови за работа во работните средини по теркот на европските и светските примери.

ССМ смета дека со активно и трипартитно делување на социјалните партнерии во Република Македонија е обезбедена целосна правна рамка за остварување на правата на работниците за здрави и безбедни услови за работа. Тоа е добра основа за нашето понатамошно делување во насока на следење на имплементацијата на законските и подзаконските прописи во практиката.

Во таа насока во овој период ССМ работи на планот на подигање на капацитетите на своето членство и синдикалните раководства за стекнување на знаења за правата на работниците од оваа област и начинот и постапката за нивна заштита и остварување. Исто така, ССМ остварува и континуирана соработка со државните институции, преставниците на работодавачите, невладиниот сектор, граѓанските и стручните организации во насока на зедничко делување за унапредување на состојбата во оваа област.

Очекуваме работодавачите да го реализираат својот дел од обврските на овој план, секој во својата компанија. Но, европските и светските практики укажуваат дека за обезбедување на здрави и безбедни услови за работа во работните средини не се одговорни само работодавачите, туку активна улога имаат и работниците, односно синдикатите како нивни претставници.

ССМ како претставник на работниците не бега од оваа одговорност, напротив сериозно се ангажираме работниците доследно да ги реализираат своите обврски и права на овој план. Тоа ќе овозможи решавање на проблемите по пат на активен социјален дијалог пред се на ниво на компаниите. Приоритет на делување на ССМ во наредниот период ќе биде регулирање на правата и обврските на работниците и работодавачите во оваа област по пат на колективни договори како двострано обврзувачки акти. Нашиот ангажман во наредниот период ќе го насочиме во правец на унапредување на колективното договарање во областа на безбедноста и здравјето при работа.

Светските, како и нашите искуства укажуваат на тоа дека е во интерес на работодавачите да инвестираат во заштита на работниците. Само обучени, заштитени и обезбедени работници се целосно мотивирани за извршување на своите работни задачи, а тоа влијае на поголема продуктивност во работењето од што зависи и профитот во компаниите.

Практиката говори дека повредите при работа се случуваат доколку работниците работат со застарена технологија, односно доколку не се целосно и стручно обучени за ракување при промена на технологиите во компаниите или пак не им се обезбедени лични заштитни сретства, соодветен стручен надзор и слично. Повредите на работниците создаваат лични, семејни трауми и проблеми, но и ги оптеретуваат државните социјални фондови и затоа сите субјекти во државата треба да се насочат во правец на нивно елиминирање и сведување на најниско можно ниво. Во оваа насока од особена важност е и улогата на Државниот инспекторат за труд, за кој очекуваме да ја остварува својата законска обврска на овој план и да влијае на доследно почитување на законските и подзаконските прописи за БЗР.

И на крајот сакам да напоменам дека на планот на унапредување на состојбата за обезбедување на здрави и безбедни услови за работа на сите работници во Република Македонија, ССМ е отворен за соработка, заедничка активност и делување, како со Државниот инспекторат за труд, така и со сите други релевантни институции во државата, затоа што сметаме дека само заедничката активност на сите заинтересирани субјеки може да ги обезбеди очекуваните резултати во оваа област.

ССМ беше иницијатор и за донесување на Законот за заштита од психолошко вознемирување на работното место. Дали по неговото донесување е намален бројот на претставки по оваа основа?

- Вознемирување на работното место претставува кршење на основните човекови права загарантирани со највисоките прописи во Република Македонија кои се темелат врз меѓународните стандарди. Тоа е негативна појава на работното место која има последици врз физичкото и менталното здравје на работниците, семејната хармонија, продуктивноста и квалитетот на работата.

 

Мобингот е широко распространета појава, има општествени, правни и финансиски последици врз целокупното општествено живеење. Заради непосредната поврзаност со социо-економскиот развој, системот на социјална сигурност и воопшто ефикасните услови за побезбеден и живот во благосостојба, мобингот бара мултидимензионален и сериозен пристап.

Сојузот на синдикатите на Македонија е еден од значајните субјекти кој со своите стратегии за дејствување особено е заинтересиран за обезбедување на здрави и безбедни услови за работа на работниците, вклучувајќи ги и активностите како застапник на правата и интересите на своето членство, за препознавање на мобингот и заштита од ваквото негативно однесување и преземање на мерки за ублажување или избегнување на последиците по здравјето и достоинство на работниците.

Во 2012 година ССМ ја започна кампањата за донесување на закон за мобинг. На иницијатива на ССМ, а во согласност со социјалните партнери, Законот за заштита од вознемирување на работно место е донесен во мај 2013 година.

Карактеристично е тоа што најголемиот број на обраќања по овој основ евидентирани во ССМ се од лица кои не се членови на синдикатот. Овие податоци упатуваат на тоа дека вознемирувањето на работно место најчесто се случува во средини каде работниците не се синдикално организирани и едуцирани за своите права.

Во текот на 2013 година евидентирани се осум, а во 2014 седум обраќања по овој основ. Во врска со обраќањата, правната служба на ССМ даваше совети и упатства, за одредени случаи се изготвени обраќања до работодавачот и до лицето кое е посочено како вршител на вознемирувањето, во три случаи се изготвени тужби, а во еден случај е водена судска постапка која е негативно завршена. Во дел од случаите проблемите се надминати спогодбено по пат на разговор и советување со учество и посредништво и на синдикалните преставници на ССМ.

Во октомври Ви истекува мандатот како претседател на ССМ. Колку сте задоволни од постигнатото во изминатите пет години?

- На позицијата лидер на ССМ дојдов на 18. Конгрес одржан во 2010 година. Најголем дел од мојот мандат се одвиваше во услови на светската економска криза која се рефлектираше и врз нашата држава. Мојот мандат на претседател на ССМ се реализираше во период на интензивни активности на Република Македонија за нејзина евроинтеграција што за ССМ значеше дополнителен ангажман и предизвик.

ССМ заедно со 18-те здружените синдикати во својот состав во изминатите пет години презедоа голем број активности во општествениот и економскиот живот на државата, со кои од позиција на претседател на Сојузот можам да бидам задоволен. Постигнати се значаен дел од предизвиците кои беа зацртани во агендата со која го добив мандатот на лидерската позиција, но во основата на синдикалното ангажирање е вистинскиот синдикалец никогаш да не биде докрај задоволен од постигнатото. 

Во таа насока ССМ во претстојниот период го очекуваат многу нови ангажмани условени и детектирани од актуелните состојби во државата и европските и светски опкружувања. Очекувам со осмислени активности ССМ подготвено да одговори на сите предизвици. 

Како позначајни придобивки од ангажирањето на ССМ за време на мојот мандатен период ги издвојувам задржувањето и унапредувањето на позицијата најброен синдикат во државата присутен преку своето членство во јавниот и во приватниот сектор, како и актуелен социјален партнер и учесник во работењето на Економско-социјалниот совет, чија што спогодба за формирање во 2010 година ја потпиша и ССМ. 

Преку работата на Економско-социјалниот совет, ССМ е учесник во креирањето на националните стратегии и политики во државата, иницијатор за формирањето и учесник во работењето на 9 ЛЕСС во Македонија и потписник на Општиот колективен договор во приватниот сектор од областа на стопанството. Како репрезентативен синдикат и во јавниот сектор во тек се преговори за потпишување на Општиот колективен договор и во овој сектор.

Исто така, 11 гранкови синдикати во составот на ССМ имаат утврдена репрезентативност, а 14 гранкови синдикати имаат потпишано колективни договори на ниво на дејност.

На меѓународен план од 2013 година ССМ е дел од Светската конфедерација на синдикати, а од годинава и полноправен член на Европската конфедерација на синдикати со што се заокружи значаен дел од активностите со кои ССМ стана полноправен учесник во креирањето на европските и светските синдикални активности.

ССМ е учесник и во Паневропскиот регионален совет за синдикатите од Југоисточна Европа, а од оваа година претседателот на ССМ е преседавач со Регионалниот синдикален совет„ Солидарност“.

Во текот на мојот мандат воспоставена е значајна соработка со граѓанскиот сектор во државата и потпишани се меморандуми за соработка со Сојузот на здруженијата на пензионери, Македонското здружение за заштита при работа, Комисијата за заштита од дискриминација, Здружението за едукација и заштита на собирачи на секундарен отпад – Едукативна унија на рециклатори Скопје (ЗЕУР), Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“, Свети Николе. Исто така воспоставена е соработка со здруженијата на стечајните работници, работниците прогласени за технолошки вишок, организациите на жени, институти и експерти чија цел е развивање на економијата, демократските процеси и унапредување на човековите и работничките права.

ССМ се заложи и за промовирање на синдикалниот плурализам со потпишувањето на меморандум за соработка со КСС и УНСМ во 2011 година, а на 26 март годинава се потпиша Меморандум за разбирање за имплементација на Националната програма за пристојна работа 2015-2018 година. Со овој меморандум во наредните четири години Владата, синдикатите, организациите на работодавачи и Меѓународната организација на трудот (МОТ), заеднички ќе ја спроведат Националната програма за пристојна работа.

На 24 февруари 2011 година беше промовирана синдикалната минимална кошница како пореален модел на пресметување на трошоците на живот. Освен прикажувањето на вистинските трошоци на живот, синдикалната кошница отвора можност за иницирање други прашања, како што се одредување основа за минимална и најниска плата, барање модели за помош на граѓаните кои живеат во сиромаштија и други актуелни состојби. Вредноста на синдикалната кошница за декември 2010 година изнесуваше 29.199 денари, а во март годинава вредноста на синдикалната минимална кошница изнесува 32.251денари и е повисока за 10,45 проценти. 

На иницијатива на ССМ во 2012 година донесен е Законот за минимална плата со што е обезбедена долната граница на висината, а платата на вработените во РМ и истовремено значеше 100 проценти зголемување на платата за 65.000 најниско платени работници. По подолг временски период со ангажман на ССМ и измена на ОКД повторно е воспоставено правото на регрес за годишен одмор за работниците од приватниот сектор во стопанството на РМ.

На барање на ССМ направени се измени на Законот за работни односи во делот на унапредување на заштитата од сите облици на дискриминација, заштита за време на бременост, раѓање и мајчинство, прецизирање на договорите за вработување во насока на заштита на работниците од непријавена работа, обезбедена заштита кај спогодбените откази и слично. Вградени беа и предлозите на ССМ во законите за администрацијата во насока на креирање на модерна и ефикасна администрација, но притоа беше истакната потребата од остварување на правата од работен однос и колективното договарање и за оваа категорија на работници. Направени се и квалитетни измени во Законот за безбедност и заштита при работа преку активно вклучување на претседателот на синдикат во креирањето на здрави и безбедни услови за работа во компаниите. На иницијатива на ССМ донесен е Закон за заштита од вознемирување на работно место, Закон за европски работнички совети, ратификувани се повеќе конвенции на МОТ и транспонирани значајни европски директиви 

Особено е значајно да се напомене дека ССМ најдирекно и најконкретно ја остварува својата статутарна и програмска определба за заштита на работничките права преку организираната бесплатна правна заштита за своето членство. Во периодот од 2011 до 2014 година е обезбедена бесплатна правна заштита во врска со над 13.296 обраќања по разни основи. Податоците говорат дека во овој период се поднесени 862 тужбени барања, водени се 1.060 расправи и се добиени 576 пресуди. За одбележување се превентивните активности и спогодбено решените проблеми по пат на 7.356 дадени совети, 1.459 изготвени барања, 1051 приговори и 183 спогодби.

Што е клучното за што треба да се залага ССМ во следниот период?

- Во наредниот период континуирано ќе продолжиме да ги реализираме нашите статутарни определби и програмски задачи кои се во насока на унапредување и заштита на работничките права, борба против сиромаштијата, обезбедување на социјална сигурност и заштита од сите облици на дискриминација и сегрегација.

Наш приоритет е учеството во создавањето на услови за обезбедување на раст на економијата проследен со отворање нови реални работни места, одржливи претпријатија, повисоки плати, инклузивност на пазарот на труд, формализирање на неформалната економија, обезбедување на правата на работниците во развојните индустриски зони....

Како репрезентативен синдикат и актуелен социјален партнер во државата свесни сме за потребата и одговорноста што ја имаме за целосно, стручно и аргументирано делување во креирањето на националните стратегии и политики на државата во сите области на општественото живење.

Во фокусот на нашето внимание ќе биде усогласувањето на домашното работно–правно законодавство со меѓународните документи во насока на унапредување на работничките права. Будно ќе ја следиме имплементацијата на законите и ќе предлагаме нови решенија секогаш кога за тоа ќе има издржана потреба.

Се залагаме за обезбедување на здрави и безбедни услови за работа во компаниите, нивна поголема општествена одговорност и грижа за заштита на човековата околина. 

Насочени сме и се залагаме за ефективен социјален дијалог и развој на колективното договарање на сите нивоа.

Активностите на планот на зголемување и мобилизирање на синдикалното членство, подигнување на неговите капацитети, едукација и оспособување на членството за препознавање на предизвиците и мерките и активностите за нивно решавање е наш постојан ангажман.

Активностите во текот на годината ќе бидат насочени и кон обезбедување на сигурни работни места, работен однос на неопределено време и сигурни плати за сите работници.

Билјана Анастасова - Костиќ

 

 

Оцени ја веста

01.05.2015 - 10:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега