Во Македонија има зависници од дрога помлади од 10 години?
Во Македонија на секои 18 часа има по еден нов корисник на дрога или по 500 годишно, пренесе Дојче Веле.
Во последните неколку години, возраста на која се почнува со конзумирање дроги се намали на осум или девет години, а причини за започнување со конзумирањето на дрога се љубопитство како и желбата за докажување во друштвото. Дел од корисниците на дрога започнале да ја земаат поради нефункционалност на нивното семејство.
Ема Здравкоски, психолог од Центарот за лекување на зависници од дроги во Велес, кој веќе две години работи во состав на Нервното одделение при Градската болница и каде моментално на дневна терапија се 43 велешани од 18 до 42 години, за ДВ појаснува:
- „Повеќето од нив имаат желба да разговарат за своите проблеми, бараат решение, сакаат да се лекуваат, но има и такви кои не сакаат да соработуваат. Посебни проблеми прават оние кои предвреме ќе ја потрошат метадонската терапија која им ја делиме за неколку дена однапред. Тогаш доаѓаат тука, бараат дополнителни дози, а кога нема да добијат, се расправаат со нас, викаат, ни се закануваат, па ние сме приморани да го повикаме обезбедувањето или полицијата“, појаснува Здравкоски.
Христијан Јанкулоски од „ХОПС’’ од истражувањата на овој проблем за ДВ заклучува:
„Од страна на институциите во Македонија изостанува рехабилитација и ресоцијализација на лица кои се зависни од дроги. Посебно загрижувачки е што расте и бројот на малолетни лица уживатели на дроги, и затоа ’ХОПС’ започна соработка со релевантните институции како Детска клиника, Клиника за психијатрија во Скопје и Министертсвото за труд и социјална политика со цел да им се помогне на овие деца, малолетни зависници од дрога. Лекувањето на овие лица и во светот е многу тешко. Алармантно е што последниве години во Македонија и девет и десетгодишни деца, а има случаи и на осумгодишни деца, употребуваат дроги. Бројот на малолетни лица до 14 години само во Скопје е 40, а нивното лекување е многу тешко“ , посочува Јанкулоски.
Исто така, од ХОП потенцираат и дека во последните години борбата против дрогата во Македонија дава позитивни резултати.
ИЗвор: Дојче Веле
ФОТО: Кирилица