Претседателот Иванов упати писмо со честитки до новиот емир на Катар

 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод преземањето на должноста Емир на Државата Катар,  упати писмо со честитки до Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани. 

Во писмото со честитки до Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани, соопшти Кабинетот на претседателот, Иванов изразува задоволство по повод неговото преземање на должноста Емир на Државата Катар, и во име на граѓаните на Република Македонија, и во негово име, упатува срдечни честитки и најискрени желби за успешно извршување на одговорната должност.

- Би сакал да ја искористам оваа свечена пригода, за да го поздравам континуираниот развој на односите и соработката меѓу нашите две пријателски земји. Истовремено, убеден сум дека со заемен ангажман ќе продолжиме да внесуваме нови содржини и форми на соработка, што дополнително ќе ги зацврстат нашите односи во годините што доаѓаат, за што ја искажувам нашата целосна подготвеност, се вели во писмото.

Иванов во писмото со честитики до Шеик Хамад бин Калифа ал-Тани по повод неговата одлука да ја предаде власта на неговиот син, Шеик Тамим бин Хамад ал-Тани, му го честита неговото истакнато лидерство, мудрост, континуирана заложба и посветеност за долгорочен развој и просперитет на Државата Катар и за благосостојба на нејзиниот народ.

Уверен сум дека ќе продолжите да играте важна улога во многу сфери од општествениот живот на Вашата земја, исто како и досега. Воедно, дозволете ми да упатам благодарност за Вашите заложби и за севкупниот придонес, кои во изминатиот период значително ги унапредија односите меѓу нашите две пријателски држави. Сеќавајќи се на нашите многубројни средби и срдечни разговори, ме радува што во Вас открив искрен пријател со кој слободно можам да кажам дека отворивме ново поглавје во нашите односи, како и перспективи за плодна соработка на сите полиња, се вели во писмото со честитки.

Со такво уверување, дозволете ми, Ваше Височество, да Ви посакам натамошен успех на личен и професионален план, добро здравје и да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување, стои во писмото. 

најчитано сега