Котески во официјална посета на Унгарија
Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески денеска во Будимпешта беше пречекан со високи воени почести од началникот на ГШ на вооружените сили на Унгарија, генерал Тибор Бенко.
Делегација на АРМ, која е во официјална посета на ВС на Унгарија, изутринава во центарот на Будимпешта положи цвеќе на споменикот на незнајниот војник.
На средбата во Генералштабот на ВС на Унгарија, покрај унапредувањето на билатералната соработка помеѓу двете армии, се разговарало за можностите за воено образование и обука на припадниците на АРМ во унгарските ВС и безбедносната состојба во регионот.
Генералот Котески искажал благодарност до Унгарија и ВС на Унгарија, за безрезервната поддршка која Република Македонија и АРМ ја добиваат во напорите за полноправно членство во НАТО. Тој истакнал дека посетата на ВС на Унгарија, претставува силен импулс во јакнењето на соработката помеѓу двете армии, но и за размена на искуствата во многу области, каде АРМ ги има достигнато НАТО стандардите.
Искажувајќи го задоволството од развојот на соработката со АРМ, генералот Бенко искажал подготвеност за натамошна поддршка на реформите во АРМ, како и проширување на соработката во делот на обуката на припадници на АРМ во центрите за обука на ВС на Унгарија.
Како што соопшти ГШ на АРМ, за време на престојот во Будимпешта, генералот Котески се сретнал и со министерот за одбрана на Унгарија Чаба Хенде, кој уште еднаш ја потврдил поддршката која Македонија на патот кон евроатланските интеграции ја добива од Унгарија.
Генералот Котески утре ќе го посети оперативниот центар и центарот за контрола на воздушниот простор на ВС на Унгарија во Веспрем.
Билатералната соработка на полето на одбраната со Унгарија официјално е воспоставена во октомври 2002 година, со потпишување Меморандум за соработка помеѓу министерствата за одбрана. Во изминативе години, соработката на АРМ со ВС на Унгарија се одвива на полето на јазичната обука, експертски разговори и едукација во различни области, како и реализација на заеднички вежби од военото воздухопловство.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа