Дојче Веле: Македонија мора уште да чека!

Германија сака да и помогне на Македонија да стане дел од ЕУ, но за да се слули тоа мора да се најде решение за името, велат за Дојче веле германски владини претставници, парламентарци и аналитичари. 

- Решето го името! Последниве години ги следиме реформите и се’ она што се случува во земјата. Македонија е секако значајна за безбедноста на Европа и Западниот Балкан. Од овој аспект, сигурно дека членството во Европската Унија е значајно. Затоа ве молам, решето го името!“, изјави Емили Хабер, државен секретар во германското сојузно министерство за надворешни работи.

- Сакаме да помогнеме Македонија да стане дел од Унијата, но ЕУ има услови кои треба да се почитуваат. Доколку внатрешно-политичкиот развој е спротивен на тие услови мора да се почека. Германија има големо стратегиско трпение и е подготвена да и’ помогне на Македонија. Но, не може да се помогне само однадвор. Општствените сили, државата, парламентот, опозицијата, партиите од власта, невладините организации треба да размислат и одлучат дали сакаат да го надминат стратегискиот ќорсокак во кој се наоѓаат или сакаат да прокоцкаат уште низа години. Прашањето значи е: дали се работи за да се добие време и да се направи брз скок кон ЕУ или се оди кон внатрешно-политичка парализа? Одговорот на ова го има македонскиот народ, или поточно - политички одговорните кои треба самите да решат што сакаат, истакнува Кизеветер.

Јоаким Шпац, гласноговорник за европска политика на пратеничката група на либералите во Бундестагот, вели дека кога Србија и Косово можеа да го надминат нивниот проблем, кој, признава, не е целосно решен, но е на добар пат, тогаш е можно решение и на проблемот на Македонија со името.

- Треба да се има предвид дека има и други тешки проблеми за решавање (Грција, Кипар), но целта на Владата останува: членство на целиот Балкан, вклучувајќи ја и Македонија. Германија вистински и фактички стои зад оваа определба, подвлекува Јоаким Шпац.

За Валтер Колбо, поранешен парламентарец (СПД) и актуелен претседател на Германско-македонското друштво, одбивањето на Европа да се вклучи во решавањето на спорот за името е поврзано со финансиската криза која го затворила погледот на Унијата кон многу значајни сфери од животот на Европа.

- Според мене, една од грешките која не може да се поправи и за која во моментов може само да жалиме е што името не се разреши во времето кога сите погледи беа свртени кон Грција и кога таа очекуваше голема солидарност од Унијата. Сметам дека по септемвриските избори за Бундестагот и пред изборите за европските иснтитуции (јуни 2014) ќе мора да се покрене дебата за релативизирање на грчкото вето и конечен почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. А во меѓувреме, Македонија ќе мора сериозно, навистина мошне сериозно, да се позанимава и да поработи на темата – демократија, е прогнозата и советот на Валтер Колбо.

најчитано сега