Струјата поевтинува од идниот месец - проверете колку
Цената на струјата од 1 јули ќе се намали за 5,2 отсто. Ваков предлог бил даден на подготвителната седница на Регулаторната комисија за енергетика, а официјална одлука треба да биде донесена утре, дознава „Дневник“ од сигурни извори.
Иако с`е уште нема објаснувања за причините за намалувањето, тие лежат во фактот дека изминатиот едногодишен период што се зима за пресметка при формирање на цената имавме помала потрошувачката на електрична енергија кај тарифните потрошувачи, а истовремено нејзината цена на светските берзи беше во пад.
За разлика од претходната година кога имавме интервентен увоз на струја поради екстремно ниските температури, па цената на струјата се зголеми двапати за вкупно 18 отсто, од јуни лани досега, што е период за пресметки, потрошувачката е во постојана надолна линија.
Kако што веќе пишуваше „Дневник“,во овој период корисниците врзани за дистрибутивниот систем, што значи граѓани и најголемиот дел од фирмите во земјава, имаат потрошено за 630 GWh помалку отколку претходната година. Или биле потрошени 6.128 гигават-часови електрична енергија.
Притоа, од домашно производство, односно од термоелектраните и хидроцентралите биле добиени 5.750 GWh, што значи дека ни недостигале околу 380 GWh. Во претходната година, пак, поради ниските температури и лошата хидрологија, моравме да увеземе 850 гигават-часови кои биле набавени од увоз и тоа во време кога струјата на берзите бележеше постојан пораст и се движеше од 120 до 130 евра за мегават-час. Годинава електричната енергија на светските берзи, поради исклучително добрата хидрологија, ја има во изобилство и веќе долг период се продава по цена од 30 до 50 евра за мегават-час.
Трите енергетски компании – ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН на почетокот од месецов до Регулаторот ги доставија пресметките за нивните трошоци во претходниот едногодишен период. Меѓутоа, очигледно голем дел од нив РKЕ не ги прифати како трошок кој треба да падне врз грбот на тарифните потрошувачи. Според нивните барања, како што неодамна изјави првиот човек на РKЕ, Димитар Петров, ако се прифатеа во целост, струјата ќе требаше да поскапи за 30 отсто.
Моментално домаќинствата во Македонија плаќаат цена на струјата од 90 евра за мегават-час, со вклучени 33 отсто за инсталирана моќност. Фирмите приклучени на дистрибутивниот систем плаќаат речиси двојно повисока цена. Електричната енергија што ја испорачува ЕЛЕМ е со производна цена од 38 евра за мегават-час, пишува Дневник.