Димитровски: Сигурен ли е Жерновски дека нема да има никакви политички последици за опозицијата?

 

Откако вчера побара оставка од градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, поради неуспешниот референдум во ГТЦ, опозицискиот новинар Зоран Димитровски- Жоро  и денеска во колумна објавена во „Фокус“ продолжува со критиките кон опозицијата поради фијаското кое вчера го доживеа во централната скопска општина.

Димитровски во колумната прашува “Така ли, јунаци, ќе го рушиме режимот?, како и дали можеби смислата на референдумот била да се види колку противници има власта на Груевски во општина Центар, односно дали бомбите имале некакво влијание врз зголемувањето на бројот на гласачи против власта?

- Скорот не е импозантен ниту во оваа смисла – неколку стотини гласачи повеќе од ланските избори во Центар, на кои Стево Пендаровски, како кандидат на СДСМ освои граѓански и натпартиски 16.452 гласа. Но, ве молам, што ни говори тоа за нашата битка за слобода и демократија, ако некој се уште се плаши од пастирот да излезе и да гласа!? После сите овие бомби, откако Заев „искрвари“ со неколку кривични пријави, а неколкумина борци завршија и зад решетки? И откако слободните медиуми почнаа да му одбројуваат на Груевски!? Како, мајката, очекуваме на 9 мај, порано или подоцна, сеедно на плоштад или пред Владата да излезат 50.000 граѓани ако центарци, ееееј центарци, а не граѓаните на Кисела Вода или Гази Баба, на пример, се уште се плашат од пастирот. Така ли, јунаци, ќе го рушиме режимот?!, пишува ДИмитровски.

Димитровски уште еднаш го прашува Жерновски дали навистина е сигурен дека нема да има никакви политички последици од овој резултат!?

-Конечно, не сум сигурен оти во време кога се води вистинска политичка војна на поголем фронт, со „бомбите“ на опозицијата, дека ни беше потребна споредна битка за Центар, за која однапред сме знаеле оти ќе биде загубена!? Или можеби битката е добиена? Дали е тоа само работа на толкување? Навистина ли нема да има никакви политички последици од овој резултат!? Сигурен ли е Жерновски во тоа? Нема ли луѓето што се борат против власта со овој и ваков референдум дополнително да се обесхрабрат? Нема ли вмровските зависници од режимот да се осоколат? Не е ли ова нов ветер во едрата на прилично безнадежно заринканиот брод на пастирот?, пишува Димитровски.

 

 

Оцени ја веста

27.04.2015 - 17:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега