ВМРО-ДПМНЕ: Мнозинството во Центар и кажа „не“ на опозицијата - Жерновски да почне нешто да работи
Денес граѓаните на Општина Центар имаа можност да излезат да гласаат на локален референдум за изгледот на Градскиот Трговски Центар. Денешниот ден на сите гласачки места во Центар помина во демократска и мирна атмосфера. Благодариме на организаторите, на надлежните институции и на граѓаните кои покажаа високо ниво на демократска капацитет, истакна на прес-конференција Илија Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение интегрален текст од прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ
Денес во пракса се докажа демократскиот карактер на функционирањето на непосредното одлучување на граѓаните без разлика дали е тоа референдум или е изборен процес.
Би сакал да потенцирам дека ВМРО-ДПМНЕ немаше политичка партиципација на овој референдум освен административна во согласност со законот.
ВМРО-ДПМНЕ немаше повик граѓаните да не учествуваат на овој референдум и немаше кампања која би повикувала на гласање или не за овој референдум. Тоа оставивме сами да го одлучат сите граѓани, и оние кои се членови на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, на било која партија или воопшто не се членови на партии.
ВМРО-ДПМНЕ не кажа дека некое прашање не заслужува одговор онака како што СДСМ го направи тоа за Законот за територијална организација. По тоа се разликува демократскиот карактер на нашата партија во споредба со СДСМ.
Фактот дека опозицијата има свое најсилно упориште токму во Општина Центар, во која победија на локалните избори и фактот дека наметнаа референдум за прашање за кое многу граѓани изградија став без разлика на својата партиска припадност, неуспехот на овој референдум е силна и јасна порака не само на граѓаните на Општина Центар, туку од сите, дека нема да дадат поддршка на сценарија и политичка злоупотреба која нема никаква конкретна позитивна цел за самите граѓани.
Целиот влог на градоначалникот Жерновски, целиот капацитет на СДСМ од цела Македонија и целата машинерија на невладини организации и медиуми финансирани од Фондацијата Сорос беше дел од овој референдум. После денешниот ден треба да разберат дека граѓаните нема да прифатат политизација која им користи само на политичарите и партиите. Граѓаните сакаат работа, работни места, изградба на инфраструктура, булевари, патишта, градинки.
Денес во вода паднаа и анкетите кои градоначалникот Жерновски и СДСМ ги објавуваа во минатите денови со кои тврдеа дека дури 68% од граѓаните го подржуваат нивниот став. Денес е јасно дека или СДСМ и Жерновски ја лажеле целата јавност или нив ги излажал оној кој им ја направил таа анкета.
Денес мнозинството на граѓани на Општина Центар покажаа дека не ги одобруваат политиките на СДСМ и на нивната коалиција.
На крај од денешниот ден сакаме да им честитаме на сите граѓани без разлика дали гласале или не и без разлика дали гласале за или против. А на градоначалникот на Општина Центар сакаме да му кажеме дека е време да заврши со своите кампањи и подметнувања и конечно после две години да се зафати со работа, да се однесува како градоначалник и да гради нешто од корист за сите граѓани на Општина Центар. Господине Жерновски доста се вашите кампањи и подметнувања, изработете некој проект.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа