Охрид: Полицијата со зајакнати мерки за полема безбедност во сообраќајот во туристичката сезона

Охридската полициска станица ги интензивира активностите насочени кон поодбрување на безбедноста во одвивањето на сообраќајот во градот и околината, притоа спроведувајќи контроли и изрекувајќи казни за учесниците кои не  ги почитуваат законските одредби за безбедност во патниот сообраќај.

Спроведените контроли на 120 учесници во текот на вчерашниот ден покажале дека независно укажувањата и апелите, и понатаму е евидентна и несфатлива неупотребата на заштитните кациги-шлемови кај дел од моторциклистите. Кај нив, но и кај возачите на други моторни возила евидентирано е управување на возилата со измината важност на сообраќајната дозвола, бесправно управување со моторно возило, неносење возачка дозвола и други прекршоци. По тие основи,сообраќајната полиција од сообраќај исклучила три возила и возачи, изрекла шест превентивни предупредувања и четири платни налози за наплата на глоба.

Од полицијата најавуваат дека во пресрет на главната туристичка сезона мерките на полициските службеници ќе бидат интензивирани и кон пешаците кои не ја почитуваат вертикална и хоризонтална патна сообраќајна сигнализација и преминуваат коловози на необележани места. Превентивни, но и други мерки ќе се преземаат кон неправилно и непрописно паркирани моторни возила на пешачки премини, во крстосници, на тротоари на пешачки и велосипедски патеки и на други места каде се попречува нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот. 

Таквите превентивни, но и казнени мерки кон учесниците во сообраќајот кои ги нарушат законските одредби ќе се спроведуваат во текот на целата туристичка сезона, оттаму апел од полицијата за почитување на сообраќајните правила и прописи, особено носење и користење на заштитните кациги од страна на возачите на мотори и моторцикли. 

најчитано сега