Македонија со британска помош ќе ги подобрува капацитетите за финансиски истраги

Македонија со британска помош ќе ги зајакнува капацитетите за финансиски истраги пред се во правењето разлика меѓу истрага за финансиски криминал и финансиска истрага за откривање на имототната состојба на сторителите на кривичните дела.

Тоа ќе се реализира преку спроведување на проектот „Подобрување на капацитетите за финансиски истраги“ за чија реализација денеска Меморандум за соработка потпишаа британскиот амбасадор во Македонија Кристофер Ивон, претседателот на Здружението на јавните обвинители Марко Зврлевски и директорот на Управата за финансиска полиција Александар Драгачевски. 

Проектот ќе се спроведува во три фази. Во првата фаза ќе се набави специјализиран I-2 софтвер, верзија 8 со лиценца за користење и употреба. Во втората фаза ќе се спроведе специјализирана обука од страна на реномирани странски експерти за четири инспектори и аналитичари од Управата за финансиска полиција. Во третата фаза ќе се одржат четири работилници и една дводневна конференција на која  веќе обучените инспектори и аналитичари ќе им ги презентираат на јавните обвинители сите бенефити од користењето на софтверот.

- Британија е инволвирана во делот на обезбедување на поддршка за обвинителите, судството и борбата против организираниот криминал многу години и мислам дека тоа и понатаму ќе го правиме со несмален интерес. Во вакви услови на финансиска криза какви што постојат во светот уште повеќе е битно секој скапоцен ресурс да биде заштитен, особено ако се работи за државното судство, рече Ивон.

- Колку што повеќе финансискиот криминал станува прекуграничен толку е поважно да обезбедиме секоја алка во синџирот да биде цврсто обезбедена и заштитена. Заедничката соработка на Јавното обвинителство и Управата за финансиска полиција претставува сигнал за посветеност во насока на справувањето со заедничката закана, рече Ивон. 

Проектот, како што рече претседателот на Здружението на јавни обвинители Зврлевски, е многу важен од повеќе причини меѓу кои е стручноста, односно да се направи  разлика меѓу истрага за финансиски криминал и финансиска истрага за откривање на имототната состојба на сторителите на кривичните дела.  

- Здружението на јавни обвинители како невладина, непартиска и доброволна организација и досега давала поддршка на сите јавни обвинители и соработници во насока на подобрување и зацврстување на нивната статусна положба, како  и овозможување нивно стручно усовршување на сите полиња. Во остварувањето на овие цели добива безрезервна поддршка од бројни владини и невладини, домашни и меѓународни институции, рече Зврлевски.

ФОТО: Евести

 

најчитано сега