Од јули почнува да работи скопскиот аква парк - еве колку пари ќе биде влезницата

Забрзано се работи на привршување на последните активности за изградбата на првиот аквапарк во Скопје веќе се готови тобоганите, а се работи и на базените, пишува Вечер

Изградбата на аквапаркот во состав на спортскиот центар "Борис Трајковски" се очекува во текот на наредниот месец да биде завршена, односно веќе од јули, истиот да биде достапен за сите граѓани на главниот град, како и на оние од внатрешноста. И покрај тоа што временските услови не беа најпогодни за градење и по неколкумесечните проблеми со дозволата за градба која спортскиот центар ги имаше со општината Карпош, сепак на изградбата на долгоочекуваната водена атракција се работи на големо и се очекува за многу краток период Скопје да го добие првиот аква парк. Директорот на спортскиот центар "Борис Трајковски", Ратко Карпушевски, пред неколку месеци најави дека аквапаркот ќе биде една од главните содржини на центарот и дека на граѓаните ќе им обезбеди нешто ново и возбудливо што досега главниот град го немал. Тој исто така додаде дека таргет-група ќе бидат децата на школска возраст, кои за време на летниот период се на распуст и очекуваат тие да бидат најчести посетители, но и семејни посети како од граѓаните на Скопје така и од оние од внатрешноста.

Аквапаркот ќе има 10 тобогани, светски познатиот мултислајд, ќе има турбо-ленс и бумеранг-тобогани, како и спејс-боул тобоган со ноќни ефекти. Придружни објекти, покрај тобоганите, ќе бидат базенот со бранови, мрзливата река и базен за дечиња до 7 години, кој е опремен со тематски реквизити од познатиот филм "Пиратите од Карибите". Се планира аквапаркот да работи во два дела од денот, односно да биде отворен од 11 часот претпладне до 17 часот попладне. По завршувањето на првата смена ќе следува половина час пауза каде што ќе се грижи персоналот, пред се, за хигиената, потоа од 18 часот па до полноќ да функционира втората смена. Од спортскиот центар исто така најави дека цената на влезницата нема да биде еквивалента на објектите од ваков тип во другите држави, бидејќи целта е да биде достапна за секој џеб. Таа ќе чини околу 350 денари за дневен билет, па така повеќе граѓани ќе можат да си го дозволат задоволство што ќе го пружи аквапаркот. Градежните работи ги изведува група понудувачи што се пријавиле на тендерот кој беше распишан од страна на спортскиот центар. Станува збор за градежната фирма "Жикол" од Струмица, турската фирма "Полин" која зад себе има околу 2000 проекти од ваков тип ширум светот, како и фирмата "Електро унион-Скопје".
Висината на инвестицијата за изградбата на аквапаркот е околу 4,2 милиони евра, а средствата се обезбедени од страна на Владата. Тој се гради на парцела од 12 илјади метри квадратни и се наоѓа на северната страна од спортскиот центар, односно веднаш до хотелот "Александар Палас".

најчитано сега