Продолжува грижата: Валандовско Чалакли доби повеќенаменско игралиште

Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Марјан Спасески  и градоначалникот на општина Валандово, Николче Чурлиновски денеска свечено го предадоа во употреба повеќенаменското спортско игралиште во населеното место Чалакли, кое е дел од проектот на Владата за изградба на 100 повеќенаменски маалски игралишта низ целата држава, пренесува МИА.

Станува збор за 38-то игралиште кое е ставено во функција, од вкупно 51 кое досега се изградени низ целата држава од страна на АМС.

- Силната страна на спортот, што воедно претставува и еден од неговите темели е што низ овие мерки кои ги презема Владата во делот на капиталните инвестиции во спортот во изминатите неколку години, несомнено се заокружува еден концепт на создавање здрава нација и одлична превентива за младите во борбата против пороците на модерното живеење. Впрочем, сите инвестиции во спортската инфраструктура се со единствена цел, а тоа е да се поттикнат развојот на спортот и здравите навики кај младите, потенцираше директорот Спасески.

Тој укажа на фактот дека практично и да не постои населено место во државата, кое не е опфатено со капиталните проекти за развој на спортската инфраструктура.

- Од спортските проекти на Владата не беше изземена ниту општината Валандово, каде досега се инвестирани преку 54 милиони денари за реконструкција на неколку спортски игралишта, изградба на спортска сала, големо фудбалско игралиште, двоен тениски терен и ова повеќенаменско игралиште во Чалакли, кое денес го ставаме во употреба,  информираше Спасески, додавајќи дека трајна определба на Владата е спортот и спортската инфраструктура да бидат достапни секому и секаде подеднакво.

Градоначалникот Чурлиновски се заблагодари на успешната соработка со Владата и со АМС, и посака од игралиштето да излезат нови спортски таленти.

- Очекувам ова повеќенаменско игралиште да биде исполнето од утринските до вечерните часови со млади кои своето слободно време ќе го користат натпреварувајќи се меѓу себе и учејќи ги вредностите на спортот, заклучи Чурлиновски.

Игралиштето е изградено според меѓународни стандарди со димензии 45x28 метри и ќе може да се користи за играње мал фудбал, серва, кошарка, ракомет и други игри и истото е со инфраструктурни приклучоци, оградено со жична мрежа и со пристапна патека изработена од бекатон плочки.

 

 

Оцени ја веста

16.04.2015 - 13:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега