Јанкулоска на отворање Канцеларија за превенција во Стајковци
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба Тони Трајковски денеска присуствуваа на отворањето на Канцеларија за превенција во просториите на месната заедница Стајковци, како втора фаза на проектот „Полицијата и граѓаните заедно“.
Целта на овој проект, соопшти денеска МВР, е примена на концептот Community policing односно Полициско работење во зедницата преку поттикнување на блиска соработка меѓу граѓаните и полицијата.
Во проектните активности кои ќе бидат реализирани во текот на 2015 година се средби на граѓаните со полициски службеници, отворен ден со полицијата-кратки неформални средби, тематски едукативни средби на кои би се разговарало за полициското работење, превентивни проектни активности, решавање на конфликтни ситуации - локални проблеми на локално ниво, како и други активности кои ќе произлезат од соработката со заедницата и нејзините потреби и барања.
Инаку, канцеларијата за превенција ќе им биде на располагање на граѓаните од населените места Стајковци, Сингелиќ, Црешево, Булачани, Раштак, Виниче, Смиљковци, Страчинци и Брњарци.
Изминатиот период вакви канцеларии за превенција беа отворени и на подрачјето на Полициската станица од општа надлежност Гази Баба и тоа во просторите на Кино Маџари и во просториите на културниот дом „Григор Прличев“ на подрачје на Полициската станица „Ѓорче Петров“.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа