Стартуваше процесот за изработка на новата Национална стратегија за млади 2016-2025
Агенцијата за млади и спорт во соработка со младинските организации и релевантните државни институции започнува со подготовка на Националната стратегија за млади за периодот од 2016 до 2025 година.
На денешната конференција одржана по тој повод директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески ги повика сите релевантни институции и организации да се вклучат во креирањето на овој документ.
- Често велиме дека младите се нашата иднина, но всушност тие се сегашноста на оваа држава и овој документ се однесува токму на нив, на нивните потреби и ставови. Токму затоа, ве повикувам да се вклучите во целиот процес на креирање на овој документ кој не е само важен на нас како институција одговорна за креирање и спроведување на младинските политики, туку и за сите млади во Република Македонија, рече Спасески.
Според раководителката на Одделот за добро владеење во Програмата за развој при ОН, Михаела Стојкоска, од голема важност е прашањето како младите се третираат во државата, но и колкаво е нивното учество во сите полиња на општественото живеење.
- За остварување на овие, но и сите други придобивки во едно општество, потребно е остварување на одредени принципи како принцип на учество, владеење на правото, транспарентност, ориентација кон градење консензус, рамноправност, ефикасност и ефективност, отчетност и стратешка визија, рече Стојкоска.
Целиот процес на креирање на стратегијата ќе биде воден од Агенцијата за млади и спорт со поддршка од Програмата за развој на Обединети нации.
Досега пријавените 150 претставници од невладините организации, институции, локалната самоуправа, меѓународни организации и поединци ќе бидат вклучени во работните групи во рамки на приоритетните области: образование, вработување, спорт, квалитет на живеење, здравство, партиципација на младите, младинско информирање, култура и локална младинска работа.
Во функција е и онлајн платформата strategijazamladi.mk која е креирана со цел поголема вклученост на што младите во овој процес.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа