Иванов: Секој коридор што поврзува е пат до мирот

Современиот пат на свилата нема да доведе само до економски напредок, туку ќе придонесе за поврзување на државите и економиите и повторно создавање отворен простор во кој ќе живеат луѓе со отворен ум. Патот на свилата, како и секој друг коридор што поврзува, треба да биде нашиот пат до мирот.
 
Тоа го порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов во обраќањето на претседателската сесија „Патот до мирот: Каде оди хуманоста “, што се одржа денеска во Истанбул во рамки на 18. Евроазиски економски форум. 
 
Иванов ја потенцираше важноста од инфраструктурна поврзаност, како и важноста на економските и културните придобивки кои произлегуваат од поврзаноста меѓу државите. - Денес, одново учиме две големи лекции, прво, дека човекот е предодреден да комуницира, да соработува и да разменува духовни, интелектуални и материјални вредности и второ, капиталот е како вода. А знаеме дека водата никогаш не се движи по нагорница, и го претпочита патот на помал отпор. Ова е особено точно во нашата ера на големи предизвици, време на забрзана глобална трка за конкурентност, рече претседателот Иванов. 
 
Македонскиот претседател пред присутните истакна дека денес граѓаните ја мерат успешноста на сопствените влади според бројот на странски инвестиции, бројот на работни места и квалитетот на животот. Затоа, рече тој, владите во светот ја научија важноста на економијата, на соработката и партнерството со бизнис-заедниците. Државите ја научија важноста од регионалните инфраструктурни и енергетски проекти, порача шефот на државата. 
 
Зборувајќи за македонската економија, претседателот Иванов подвлече дека Република Македонија го прифатила предизвикот дека бизнисмените се најзначајните двигатели на глобализацијата и нејзини најгласни промотори. 
 
- Преку постојани реформи го израмнуваме патот за проток на капиталот. Ги намаливме и ги израмнивме даноците, ги избалансиравме јавните финансии со низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок јавен долг. Имаме долгогодишна макроекономска стабилност. Преку регулаторната гилотина, ги отстранивме повеќето правни и административни бариери кои би можеле да се испречат на патот на потенцијалните инвеститори. Верувам дека веќе ги знаете високите оценки за македонската економија, нагласи македонскиот претседател.
 
Организатор на Евроазискиот економски форум е Мармара фондацијата, група за економски и општествени истражувања која има за цел унапредување на односите меѓу ЕУ и земјите од централна Азија и Блискиот Исток. Формирана е во 1985 година и e призната од страна на ОБСЕ и преку своите советодавни капацитети ја претставува Турција во Економско-социјалниот совет на ОН. Фондацијата активно е вклучена во подобрување на регионалната соработка со цел да помогне во максимизирање на можностите што ги создава процесот на глобализација и минимизирање на неговите негативни ефекти.
 
На маргините на 18. Евроазиски економски самит, претседателот Иванов оствари средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј I. Размениле мислења и информации за повеќе актуелни теми од заемен интерес‎и и за актуелностите поврзани со нашата црква.  
 
Македонскиот претседател му честита  на Вселенскиот патријарх за неговите активности и напори за обезбедување поголемо единство во православната екумена и за помирување на христијанството со другите религии и за таа цел ги поздрави неговите контакти со Папата Францискo, но и со другите религиски водачи. 
 

 

Оцени ја веста

09.04.2015 - 22:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега