Скопскиот противпожарен сојуз ќе ги заштитува шумите од пожари

 

Противпожарниот сојуз на Град Скопје ја спроведува годишната кампања за заштита на шумите и другите отворени простори од пожари со цел зголемување на јавната свест за заштита на шумите од пожари. Кампањата ја спроведуваат  противпожарни патроли формирани во општинските противпожарни сојузи кои делуваат на територијата на Град Скопје и околните општини.

Противпожарните патроли делуваат на терен и на граѓаните им  укажуваат на опасностите од шумски пожари. Даваат препораки за превенирањето од пожарите, како и за постапување доколку забележат пожар во шумите или на друг отворен простор. На граѓаните им делат флаери со содржина за заштита на шумите од пожари, а на фреквентни места се поставуваат постери со содржина за заштита на шумите од пожари.

Со оглед на престојниот летен период со високи атмосферски температури, релативно ниската влажност на воздухот и сушењето на тревната вегетација, поради што се зголемуваат ризиците и опасностите од шумски пожари, Противпожарниот сојуз на Град Скопје апелира да не се пали отворен оган во шумите или во нивната непосредна близина, да не се палат стрништа, плевелот и пасиштата. Граѓаните да внимаваат на догорчиња и отпушоци, да не дозволат децата да си играат со запалки и со оган. При евентуално забележување на шумски или друг пожар на отворен простор, треба да се пријави на телефонскиот број 193 и граѓаните да се вклучат во гасење бидејќи тоа е и нивна правна обврска.

најчитано сега