Потпишана Заедничка декларација за зајакнување на енергетската соработка
Министрите за надворешни работи на Македонија, Турција, Србија, Грција, Унгарија и министерот за европски прашања на Турција денеска во Будимпешта одржаа состанок за енергетска безбедност во Централна и Југоисточна Европа.
На состанокот на усвоија Заедничка декларација за зајакнување на енергетската соработка.
Во декларацијата министрите истакнуваат дека се „свесни оти соработката во обезбедување сигурност на снабдувањето со енергија ќе придонесе за добрососедски односи меѓу земјите и за благосостојбата на граѓаните“ и ја подвлекуваат важноста на гарантирањето на сигурни, континуирани и достапни извори на енергија - особено природен гас - за граѓаните и индустријата на земјите, и привлекување на инвестиции во регионот со цел да се помогне на економскиот раст и вработувањето.
Министрите ја изразуваат поддршката за „создавање на комерцијално остварлива опција за рута и диверзификација на извор за испорака на природен гас од Република Турција преку териториите на Македонија, Србија, Грција и Унгарија до земјите од Централна и Југоисточна Европа, со што ќе се поддржат енергетските пазари на Турција, ЕУ и договорните страни од Енергетската заедница преку Јужниот коридор за гас“.
Тие се обврзуваат да работат на нови можности за создавање регионален економски развој преку меѓусебно поврзување на инфраструктурите за природен гас на петте земји со финансиска помош од Европската унија, а отворени се за соработка и со други земји кои сакаат да учествуваат во реализирање на овие напори.
Министрите на крајот се сложуваат дека декларацијата ја потврдува политичка намера и оти е потребна натамошна размена на мислења и дијалог за конкретни прашања помеѓу соодветните земји учеснички, како и засегнатите компании.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа