Децата со аутизам со силна порака: Не дозволувајте да бидеме отфрлени
Денес е 2 април, светскиот ден на аутизмот и по тој повод на вчерашниот маскенбал децата со аутизам со маската „овчички" сакаа да испратат една различна порака до сите. Маската која тие ја изработија со своите родители претставуваше симбол за тоа како децата со аутизам се чувстуваат во ова опкружување и каков е третманот на општеството кон нив. Од тие причини нивната маска го илустрира она со што тие се соочуваат секој ден.
Во Македонија има околу 140 регистирани деца со аутистичен спектар, но се претпоставува дека бројката надминува 10 000 деца. И покрај големите напори од здруженијата на родители, некои од институциите, наставниците, дефектолозите и психолозите, голем дел од овие деца сеуште се соочуваат со предрасуди, неприфаќање, изолираност и дискриминација.
„Мојата ќерка е мило, динамично, храбро и весело девојче, со голема страст за забава, игра и музика. Оваа атмосфера за неа е голема радост, но и голем стрес, бидејќи таа живее со аутизам. Оваа маска што ја изработивме сите, и децата и ние родителите, сакавме да биде симбол и илустрација на третманот на нашите деца од околината и од општеството. Поддршката од јавноста и прифаќањето на нашите деца е од витално значење за нивниот развој и за нивната благосостојба. Се надевам дека ќе влијаеме и се надевам дека ќе ја подигнеме свеста за тоа како секој поединец постапува кон овие деца. Надежта е она што се будиме секое утро" - изјави Зоран Кардула во врска со приказната што се крие зад оваа маска.
Во најновото истражување „Знаења, ставови и практики за вклучување на децата со попреченост во Македонија"спроведено од Уницеф во 2014 година, еден од запрепастувачките заклучоци вели дека една петтина од јавноста во Македонија смета дека е неприфатливо за дете со аутизам да биде нивни сосед. Повеќе од половина од населението сметаат дека е неприфатливо нивните деца да учат во градинка или во училиште заедно со дете со аутизам.
Значителен процент, 55 отсто, сметаат дека децата со посебни потреби не можат да бидат целосно интегрирани во општеството.
Незнаењето, недоволната информираност и игнорантниот однос се главни пречки во комуникацијата и развивање на пријателство и соживот со овие деца. Недоволниот степен на знаење, едукација и соодветни обуки за наставниците во училиштата за работа со децата со посебни потреби, значително ја отежнува инклузијата во образовниот процес, иако светската пракса потврдува дека прифаќањето и интеграцијата во образовнието е најдобар механизам за напредок, социјализација и надминување на некои од пречките кај овие деца.
„Да живеете со аутизмот значи да живеете во постојана неизвесност. Тоа го консумира целиот наш живот. Она што сакавме да го кажеме преку оваа маска е колку сме засегнати и како се чувствуваме во однос на прифаќањето на нашите деца од околината. А ако сакате да го евалуирате напредокот на ова општество, само набљудувајте каков е третманот на децата со посебни потреби, вклучувајќи ги и децата со аутизам. Тоа ќе ви каже доволно" - изјави Горан Митевски.
Народниот Правобранител ја поддржува иницијативата на група родители кои со овие и слични активности сакаат да ја подигнат свеста за третманот на децата со аутизам во општеството, нивните потреби, неопходноста од прифаќање на овие деца во образовниот процес, како и овозможувањето на инклузија во рамките на општеството.
Нашиот став е јасен и недвосмислен, а тоа е дека децата со аутизам имаат исти права како и другите деца и треба да ги уживаат правата на подеднаква основа, а заради специфичноста на нивните потреби, општетството треба да создаде и да обезбеди услови за непречено остварување на овие права" - изјави Васка Бајрамовска Мустафа, заменик Народен Правобранител.
На маскенбалот по повод 1 април, децата со аутизам дојдени да го искажат својот став со групната маска беа обземени од целата атмосфера, весели и разиграни.
Како што впрочем вели само 1 отсто од испитаниците од истражувањето на Уницеф- Децата се само деца.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа