Средба Иванов-Нишани: Иднината не обединува
Македонија и Албанија имаат заедничка иднина. Со поинтензивна економска соработка, негување на добрососедските односи и заемна доверба ќе се обезбеди европска иднина и подобар стандард за своите граѓани, но и капацитет за заеднички одговор на актуелните предизвици, порачаа по денешната средба во Тирана претседателите на Македонија и на Албанија, Ѓорге Иванов и Бујар Нишани.
- Очекувам да се интензивира соработката на сите нивоа, да се подобруваат состојбите во сите сфери на заеднички интерес затоа што живееме во време кое носи многу предизвици и од безбедносен и од геополитички карактер, кога се отвораат многу прашања кои бараат заеднички одговор и настапување. Како две соседни земји заедно да настапуваме и кон безбедносните ризици и кон перспективите и развој на економијата и инфраструктурата, порача Иванов, кој од денеска престојува во официјална посета на Тирана.
Македонија и Албанија, истакна Иванов, ги обединува иднината и имаат цел да бидат дел од Европската унија. - Не го правиме тоа за да угодуваме на администрацијата во Брисел, туку нашите граѓани да ги уживаат сите европски стандарди и принципи во нивниот секојдневен живот, рече Иванов.
Од својот албански колега побара поддршка за членството на Македонија во НАТО. – И Македонија и Албанија заедно тргнаа кон НАТО, но Македонија беше блокирана и тоа, според одлуката на Меѓународниот суд во Хаг, на нелегален начин. Нашиот јужен сосед ја блокира интеграцијата во НАТО, а истото сега го прави и нашиот пат кон ЕУ. Затоа ја очекуваме албанската поддршка и помош за Македонија да го добие она што го заслужува – да биде членка на НАТО, потенцира Иванов.
Со неговиот албански колега не се задоволни од економската соработка, бидејќи, како што рече, не доликува две соседни држави да имаат трговска размена од само 120 милиони евра на годишно ниво, со суфицит на македонската страна, а Албанија не е ниту во групата на првите 20 држави најголеми трговски партнери на Македонија. - Тоа укажува дека е неопходно овие односи на пријателство и соработка што ги градиме на највисоко ниво да се симнат меѓу нашите бизнис заедници. Пред нас е период кога ќе има големи инфаструктурни кои ќе помогнат да ја менуваат нашата реалност, укажа Иванов.
Зголемувањето на трговската размена, порача, ќе придонесе и за поголема доверба меѓу населението.
Иванов оцени дека Македонија како независна држава гради сосема поинаков однос кон Албанија и прашањата на Албанците во Македонија и очекува ист третман и на Македоците во Албанија. Македонија, потенцира, во изминатиот период направила многу во почитување на правата не само на албанската, туку и на сите заедници. Со Охридскиот договор, како што рече, е воспоставен инклузивен политички систем кој ги вклучува сите различности од Македонија.
- Очекуваме навистина и Албанија да овозможи Македонците што живеат во Албанија на територијата на целата држава да ги уживаат правата кои што ги уживаат на територија на една општина. Бидејќи тоа се европски стандарди не треба кон другите да гледаме како нешто што не одвојува, туку на нешто што не спојува и ја јакне меѓусебната довреба, нагласи Иванов.
Албанскиот претседател ја повтори поддршката за членство на Македонија во НАТО што, како што рече, Албанија го очекува со задоволство бидејќи е во интерес на мирот, безбедноста и стабилноста на регионот.
- Со задоволство го очекуваме наоѓањето на компромисот и решавањето на спорот со името бидејќи ова би го деблокирало и членството на Македонија во НАТО, рече Нишани, потенцирајќи дека Македонија заслужува членство во Алијансата.
Според Нишани, албанската заедница во Македонија и македонската во Албанија треба да бидат мост на разбирање и соработка меѓу двете држави.
- Сите треба да придонесуваме за намалување на степенот на недоверба и предрасуди помеѓу двете населенија со цел да се избегнат меѓуетничките тензии кои често се палат од мали инциденти кои се од различен карактер, порача албанскиот претседател и додаде дека меѓуетничките односи во Македонија имаат посебна улога за мирот и стабилноста на Западен Балкан.
Во однос на македонското национално малцинство во Албанија рече дека албанските институции последователно во согласност со Уставот, конвенциите за човекови права и Рамковната конвенција за заштита на малцинствата работат и ќе продолжат да работат за гарантурање на сите права ова малцинство да го заштити јазикот, културата и националниот идентитет.
- Сакам да ви гарантирам дека овие меѓународни конвенции ги одредуваат стандардите, кои се следат од меѓународни организации, почнувајќи од ЕУ, Европскиот совет и сите организации за човекови права. Сакам да ви гарантирам дека албанските власти секогаш остануваат подготвени и заинтерсирани за да ги понудат сите права коишто им припаѓаат на сите малцинства вклучувајќи го и македонското во согласност со меѓународните стандарди коишто се прифатени со овие конвенции, рече Нишани, во одговор на новинарско прашање.
- Покрај за потребата од поттикнување на владите и сите институции за поголема економската соработка која се уште не е на нивото на политичката, Нишани и Иванов укажаа и на заедничките можности и проекти во инфрструктурата, енергетиката, туризмот и координирано заедничко користење на речните и езерските води.
Посетата на Албанија Иванов денеска ја продолжува со средби со албанскиот премиер, Еди Рама и со претседателот на албанскиот Парламент, Илир Мета. Предвидени се средби и со градоначалникот на Тирана, Љуљзим Баша и со поглаварот на Албанската православна црква, Анастасиј Јунулатос.
Утре Иванов ќе има работен појадок со поранешниот албански претседател Бамир Топи, по што ќе ја посети Општина Пустец каде ќе се сретне со градоначалникот Едмонд Темелко и со претставници на македонското национално малцинство. Тоа ќе биде прва посета на Пустец на највисоко државно ниво од претседател на Македонија.
Иванов, кој е во втора официјална посета на Тирана, е придружуван од сопругата Маја. Во состав на македонската делегација е и министерот за одбрана, Зоран Јолевски.
МИА
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа