На локалитетот Скупи откриена статуа од 2 век

 

Археолозите koи го истражуваат скопскиот локалитет Скупи вчера откриле редок артефакт од 2 век наша ера - статуа во облик на обезглавена женска фигура, со која е покриен гроб за кој се претпоставува дека е од доцната антика, 4-5 век, пренесува МИА. 

Министерката Елизабета Канческа-Милевска денеска го посети локалитетот и информираше дека се се одвива според планираната динамика - целосно е завршено истражувањето на сценската зграда, на гледалиштето, а во тек е истражувањето на оркестрата.

- Се подготвува тендерската документација за избор на фирма која ќе продолжи со целосна конзервација на сценската зграда. Тендерот е планирано да се објави до крајот на април и веднаш започнуваме со реконструкција и конезрвација на сценската зграда. Гледалиштето е истражено и до крај на јуни треба да се изготви и проектот за него за да се пристапи кон тендер. Во оркестрата, како што видовме денеска, има богати наоди. Тука се откриени уште неколку гробови, што претпоставува дека се очекува да се открие некропола од 4-5 век наша ера. Ќе видиме како ќе тече динамиката откако ќе ги избереме фирмите и ако таа се запази - во 2017-та можеме да го отвориме за јавноста театарот во овој локалитет кој е најголем кај нас, изјави Канческа-Милевска. 

Директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ рече дека сега ќе работат на откривање на подот на оркестрата, со што ќе завршат археолошките истражувања во Скупи. 

- Ова е навистина возбудливо. Тимот откри една некропола која засега содржи два-три гроба, најверојатно од 4-5 век кога Теодосиј Втори го издигнал христијанството на ранг на главна, врвна религија во Римското царство. Нас не интересира кои се овие христијани - дали се луѓе кои пострадале или се роднини на луѓето кои пострадале во оркестрата. Во доцната антика, во текот на 3-ти и 4 век, христијаните биле жртвувани во театрите, рече Лилчиќ.

 

 

Оцени ја веста

02.04.2015 - 14:32
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега