Шулин: Ваквото однесување на Заев тешко дека ќе беше толерирано во која било земја од ЕУ

 

Тоа што го прави лидерот на СДСМ, Зоран Заев со јавно објавување на незаконски стекнатите прислушувани разговори на македонскиот државен врв е класична злоупотреба на позицијата лидер на опозицијата и пркосење на државните закони, на правото и на правдата. Во која било земја од Европската унија, тешко дека вакво однесување на политичар, макар и лидер на опозиција, толку долго ќе беше толерирано.

Ова го порача словенечката европратеничка Патриција Шулин во изјава за МИА, по завчерашниот прв дијалог меѓу претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, што со посредство на Европскиот парламент се одржа во Брисел, а со цел ставање крај на политичката криза во Република Македонија, јави дописникот на МИА од Брисел.

Според Шулин, која доаѓа од Словенечката демократска партија (СДС), никому во ЕУ не му е јасно зошто од СДСМ се уште не се вратиле во Собранието и покрај цврстиот став на Брисел и на целата меѓународна заедница по прашањето на нивниот бојкот на Парламентот.

- Бојкотот на Парламентот како законодавна институција каде сите пратеници ја претставуваат волјата на избирачите е нешто сосема непознато за Европската унија и воопшто за европската демократија. Затоа, принципот на бојкот што минатата година го воведоа македонските социјал-демократи постојано наидува на осуди во Европарламентот и тоа ќе продолжи се додека СДСМ не се врати да ги претставува своите избирачи во законодавниот дом, децидна е словенечката европратеничка.

Шулин е изненадена од ставот на македонските социјал-демократи да објават дека ќе продолжат со објавување на незаконски стекнатите аудио-снимки од разговори на највисокиот македонски државен врв.

- Тоа што го прави Заев е класична злоупотреба на позицијата лидер на опозицијата и пркосење на државните закони, на правото и на правдата. Во која било земја од Европската унија, тешко дека вакво однесување на политичар, макар и лидер на опозиција, толку долго ќе беше толерирано, вели Словенката.

Патриција Шулин е уште подецидна кога станува збор за едно од барањата на Заев за СДСМ да се врати во Парламентот, а тоа е да се формира преодна, експертска влада, со учество на социјал-демократите во неа.

- Формирање на преодна Влада во ваков случај би било суспендирање на гласовите на македонските граѓани кои на последните парламентарни избори, според оценките на ОБСЕ, слободно и демократски го дале својот глас за друга опција да ги застапува во власта. Тоа би било злоупотреба на демократијата и суспендирање на волјата на гласачите и ако ова сега се воведе како принцип, тогаш Македонија ќе може да се збогува со изборната, парламентарна демократија, вели Шулин.

Пратеничката во Европарламентот од Словенија посочи и за тоа дали и како смета дека Европарламентот и ЕУ во целост можат да помогнат да се надмине политичката криза во Македонија и земјата да се врати на брзата патека на евроинтеграциите.

- Тоа е можно единствено со позитивна волја на македонските политички партии, како од власта, така и од опозицијата и со нивно конструктивно однесување. Како што минатата недела беше кажано на дебатата за политичка култура во Европскиот парламент, на која присуствуваа и пратеници од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ од Македонија, опозицијата мора да ја сфати својата улога како опозиција и да ја прифати народната волја. Секогаш е подобро да се биде силна и конструктивна опозиција, отколку слаба и деструктивна опозиција што ги нарушува државните приоритети, што во случајов се македонските евроинтеграции, децидна е пратеничката во Европарламентот од Словенија.

Според Шулин, исто така и власта мора да разбере дека е потребно и опозицијата да има воздух за слобно да дише и да делува без опструкции.

- Решението е едноставно. Сите да престанат со деструктивноста, со опструкции на Парламентот и секојдневното повторување на кривични дела преку незаконско објавување на прислушувани материјали и судска разрешница на случајот „Пуч“, по која ќе мора да има одговорност кај сите инволвирани. Ако ова се исполни, тогаш договорот е на дофат, порачува европратеничката Шулин.

Ваквиот цврст и отворен став на пратеник во Европскиот парламент контра деструктивната политика на опозициската СДСМ во Македонија не е новина и е константа кога станува збор за досегашните пораки на претставниците на европскиот законодавен дом.

Минатата недела, претседателот на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), Елмар Брок, на Саминарот за политичка култура на ЕУ, порача дека „македонската опозицијата мора да се однесува според правилата и бојкотот на Парламентот мора да престане”.

Европратеникот Кристијан Дан Преда оцени дека „бојкотот на Парламентот е катастрофален и дека тоа не е вистински начин за политичка борба“. Потоа, известувачот за Македонија во Европарламентот, Иво Вајгл рече дека лично на лидерот на СДСМ Зоран Заев му рекол дека СДСМ има 30 отсто во Парламентот и дека треба да ја преземе одговорноста за тоа, додека Словакот Едвард Кукан им порача на македонските социјал-демократи дека „опозицијата мора да разбере дека не е срамно и крај на светот да се биде во опозиција“. И германскиот социјал-демократ, Кнут Флекенштајн остро го осуди бојкотот на македонското Собрание и на СДСМ му порача дека „ниту едно правило не може да ги смени резултатите од гласањето од изборите и опозицијата не треба да ги меша овие работи и сите овие правила и политичката култура не може на крајот на краиштата да ја смени волјата на гласачите“. 

 

 

Оцени ја веста

01.04.2015 - 14:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега