Дневник: Британскиот амбасадор отвори војна со половина милион гласачи на ВМРО-ДПМНЕ
Прашањето за можноста за формирање преодна влада треба да биде дел од разговорите меѓу двете страни“, рече Чарлс Гарет, амбасадорот на Велика Британија во Македонија во интервју за телевизијата „Алсат“, пишува весникот „Дневник“.
„Дневник“ нагласува дека на последните парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ освои 481.615 гласа, а нејзиниот владин коалициски партнер освои 153.000 гласа. СДСМ на Зоран Заев освои 283.000 гласа.
„Kако Гарет мисли да ја премавне оваа разлика во гласовите меѓу власта и опозицијата со формирање техничка, односно преодна влада, засега не е јасно“, пишува весникот.
– Не е до мене, како амбасадор на Велика Британија, да коментирам кое решение за оваа криза Македонија треба да го најде, но јасно е дека за тој конкретен пристап многу се зборува и треба да биде тема на разговори во процесот во кој двете страни ќе работат на наоѓање решение. Токму стигнувањето до решение ќе бара многу креативност, трпеливост, напорна работа, многу компромиси од двете страни и секако искрени разговори, додаде Гарет.
Тој проценува дека добар почеток во процесот би бил владин коментар за содржината на објавените прислушувани разговори.
– Содржината на обелоденетите разговори, како и самото прислушување се исклучително сериозни работи и бараат сериозно справување. Секако, добар почеток би бил коментар од владата за содржината на обелоденетите разговори и добар нареден чекор би бил духот на компромис, конструктивност, креативност од сите инволвирани страни на состаноците и дискусиите во обидите за наоѓање решение, смета Гарет.
Барањето за техничка влада го постави опозицискиот СДСМ како еден од петте услови за враќање во парламентот, па така се поставува прашањето – дали Гарет всушност со својот став зазеде и страна? Техничката влада би имала задача да подготви терен за нови парламентарни избори. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ повеќепати го кажа ставот дека за се` друго може да се преговара, но не и за техничка влада, а последен пат таа порака Груевски ја испрати од големиот митинг во салата „Борис Трајковски“ на 15 март.
Идејата за „преодна влада“, како што ја нарекува Гарет, а всушност станува збор за суштински иста работа, е поддршка на барањето на партијата на Зоран Заев, предлог кој инаку беше поддржан и од поранешниот амбасадор на САД, Пол Волерс. Во јануари годинава, пред да замине од земјава, Волерс рече дека „барањето за техничка влада од страна на опoзицијата не е екстремно барање ниту невидено досега во други земји“.
Таа беше една од последните политички пораки на американскиот дипломат, со една разлика од сегашната на неговиот британски колега – Волерс истакна дека „она што е клучно е да се воспостави дијалог меѓу власта и опозицијата, а за тоа нема подобро место отколку Собранието“.
– Kога станува збор за техничката влада, мислам дека не е толку необично, затоа што и други земји имаат техничка влада или делумно технички влади, дури и сум живеел во некои. Луѓето во одредени позиции се повлекувале за време на изборите, па потоа се враќале во зависност од резултатите на изборите. Техничката влада не е толку екстремна. Проблемот повторно е како да се сретнеш и да постигнеш договор, што ќе е добар за сите луѓе во Македонија, а не само за една или друга партија – рече Волерс на заминување од функцијата амбасадор на САД во Република Македонија.
Инаку, изјавата на Гарет доаѓа по неколку информации во јавноста дека токму неговата држава стои зад аферата со прислушувањето. Официјално, за поширокиот дел од јавноста се` уште е непознат кој е странскиот амбасадор што средувал работа за Зоран Верушевски добие работна виза и кој е премиерот чии соработници биле вклучени во тоа. Во писмото на Заев до Верушевски чија содржина излезе во јавноста, беше скриена првата буква од името на премиерот на странската држава. Во скајп-комуникацијата за Верушевски и еден од осомничените за „Пуч“, отворено се зборуваше и за граѓанска војна во Македонија. Интересен е и моментот дека Гарет особено инсистира на содржината на прислушуваните разговори, но не и на тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ и Владата дека станува збор за операција во чија заднина стои странска разузнавачка служба. Kолешката Велиновска во една од своите колумни тврдеше дека неодамна на некаков состанок со одбрани новинари Гарет говорел за тоа дека никако не треба да се дозволи „Пуч“ да има правна разрешница. Наспроти тоа, премиерот Груевски најави на целата јавност транспарентна судска постапка во која ќе бидат отворени сите карти и ќе се дознае целата вистина за случајот. Индикативна беше и средбата на Груевски со шефот на НАТО Столтенберг, само кратко време откако претседателот на ЕK, Јункер, ја откажа најавената средба со македонскиот премиер. Се претпоставува дека на таа средба биле презентирани докази за актуелните настани во Македонија.
Груевски: За сe ќе се преговара, само не за техничка влада
На една прес-конференција премиерот Никола Груевски изјави дека на четирите средби што ги имал со Зоран Заев му кажал дека техничка влада не прифаќа и може с` што има од снимени материјали слободно да објави.
– Имав прес-конференција на која најавив дека следува период во кој ќе има ваков вид работи, затоа што претходно имав неколку средби, односно четири, со Зоран Заев на кои тој ме информира дека во соработка со странски разузнавачки служби дошол до материјали што има намера да ги објавува ако не му овозможиме формирање техничка влада, нешто што јас не го прифатив како услов, односно го одбив и го замолив се` што има и што сака да објави слободно да го објави – изјави премиерот Никола Груевски.
Потоа премиерот во јавно обраќање рече дека во изминатиот период Македонија била таргет на снимање на телефонски разговори на странска разузнавачка служба, потпомогната од нивни соработници од РМ. Снимениот материјал се преведувал на англиски и се испраќал кај нарачателот. Во еден момент, некаде кон средината на 2014 година, за овие материјали се информира и лицето Зоран Заев за да бидат објавени во јавноста и да биде исполнета одредена цел на тајната разузнавачка служба која е нарачател и финансиер на оваа операција. Лицето Зоран Заев; најпрвин се обидува да изнуди техничка влада користејќи закана дека ќе го објави овој материјал, за подоцна откако уцената ќе се одбие, да ја реализира заканата.
– Би го искоментирал и тврдењето на Заев дека постапката против него и неговите соработници била со цел да се спречи да ги објави материјалите. Ако целта ми беше да го замолчам или спречам како што самиот кажува логично би било да ги прифатам неговите уцени и неговите барањата за техничка влада. Но јас не го направив тоа. Ако прифатев таква работа, зошто СДСМ не се врати во Собранието, бидејќи тоа беше нивниот главен услов. Се работи за класична манипулација – рече во обраќањето Груевски.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа