Постигнат е договор помеѓу МОН и средношколците
Владата излезе во пресрет на барањата на средношколците со што се постигна договор средношколци да имаат право на избор- математиката нема да биде задолжителна.
По подолга дебата со претставници на Унијата на средношколци на Македонија, во Министерството за образование и наука е постигната согласност математиката да не биде задолжителен премет за сите матуранти при полагањето на државната матура. Математика ќе полагаат само учениците кои се запишани во гимназиско образование и кои на крајот од втората, односно почеток на третата година од средното образование, го одбрале природно – математичкото подрачје.
Ова пред малку го соопшти Министерството за образование и наука, потенцирајќи дека за гимназијалците коишто го одбрале општествено – хуманистичкото подрачје, како и за сите ученици од средните стручни училишта, математиката ќе биде предмет со можност за избор, покрај странскиот јазик, односно ќе се полага само доколку ученикот го одбере, согласно личната волја, убедување и афинитети.
За гимназијалците коишто го одбрале јазично – уметничкото подрачје, задолжителни за матура ќе бидат предметите мајчин и странски јазик.
На средбата била постигната и согласност, според која Министерството за образование и наука во следниот период треба да достави писмо до сите факултети од областа на техничките науки, со кое ќе им препорача, приоритетност во уписните политики, да имаат кандидатите коишто на државна матура одбрале и положиле математика.
Дополнително, од техничките факултети ќе биде побарано да ја разгледаат и можноста за стипендирање на кандидатите коишто во текот на средното образование оствариле високи постигања по математика.
Денешната средба доаѓа откако Унијата на средношколци на Македонија, чиишто претставници, како што соопштија, во текот на вчерашниот ден до министерството доставија Средношколска платформа со која од надлежните побараа промена на Концепцијата за матура и завршен испит за учебната 2014/2015 година.
Унијата на средношколци на Македонија се огласи на својата официјална фејсбук страна, изразувајќи задоволство од постигнатата спогодба. Договорот помеѓу министерството и средношколците преку социјалните мрежи го поздравија и многумина кои не се согласуваа со концептот, математиката да биде задолжителен предмет на матура за сите ученици.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа