Факултетот за ликовни уметности ќе одбележи 35 години постоење
Факултетот за ликовни уметности - Скопје вечер во Галеријата на ФЛУ (објект Педагошки факултет) ќе одбележи 35 години од основањето.
Воедно ќе биде отворена и групната изложба „4х4”, на која со свои дела ќе учествувaат 16 млади македонски автори, поранешни студенти на факултетот: Александар Зафировски, Теа Јовановска, Дарко Заревски, Душица Степаноска, Ана Јовановска, Ертунч Сали, Ивана Настески, Милан Костадиновски, Софија Грабуловска, Андреј Миновски, Дејан Спасовиќ, Уметничка група „ЅЕЕ”, Христина Стојчевска, Енвер Селими, Славчо Спировски и Методи Исков.
По повод 35-годишниот јубилеј Факултетот издаде публикација.
Факултетот за ликовни уметности, како членка на УКИМ, е формиран со oдлука на Собранието на поранешната Општа заедница за насочено образование, на 31 март 1980 година.
Наставата за четиригодишните студии на ФЛУ се организира според системот европски кредит-трансфер систем (ЕКТС) на четири катедри: Сликарство, Вајарство, Графика и Ликовна педагогија. Покрај матичните стручни предмети, се изведува и насочена настава по реставрација и конзервација, графички дизајн и театарска, филмска и телевизиска сценографија.
Од 1996 година, Факултетот организира и студии од втор циклус, постдипломски студии по областите: Сликарство, Вајарство и Графика. Од 2010 година се организираат студии и од областа на реставрација и конзервација на движни и недвижни артефакти. Практичниот дел од наставата денес функционира во три различни објекти во градот: во културно-историскиот споменик Сули-ан, лоциран во Старата скопска чаршија, потоа во дел од Педагошкиот факултет „Св.Климент Охридски“ и во посебниот објект, Вајарски ателјеа, кој се наоѓа во дворот на Педагошкиот факултет.
Наставниот процес по матичните стручни предмети го изведуваа(т) најеминентните ликовни уметници (сликари, вајари и графичари) од Македонија, вкупно 41 наставник, еден асистент и двајца стручни соработници.
Неодамна починатиот скулптор, Петар Хаџи Бошков, почесен член на Македонската академија на науките и уметностите, беше еден од основоположниците и прв декан на Факултетот за ликовна уметност.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа