Дијалогот на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во ЕП заврши, закажана нова средба по Велигден
Во Европскиот парламент, попладнево заврши официјалниот прв дијалог меѓу претставници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, со посредство на европратениците Едвард Кукан, Иво Вајгл и Ричард Ховит и под будното око на Дејвид Кулен и Кристина Грау од Европската комисија, а со цел ставање крај на политичката криза во Република Македонија, јави дописникот на МИА од Брисел.
Тројцата претставници на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски, Никола Тодоров и Илија Димовски и претставниците на СДСМ, Радмила Шеќеринска, Рената Треневска-Дескоска и Виктор Габер, имаа кус заеднички состанок посредуван од европратениците. Според информациите од оваа средба, претставниците на СДСМ останале на барањето за формирање на преодна Влада, барајќи и оставки на министри и раководни лица во Македонската-радио телевизија, како и на Јавниот обвинител. Тоа било отфрлено од „тројката” од ВМРО-ДПМНЕ, по што состанокот завршил.
Во соопштението испратено од канцелариите на Вајгл, Кукан и Ховит, што е единствена официјална информација од денешниот дијалог СДСМ-ВМРО-ДПМНЕ во Европарламентот, со оглед на тоа што претставниците на македонските партии, како и самите европратеници, одбија да дадат официјални изјави, се наведува дека е договорено истите соговорници повторно да се сретнат.
- Денеска се одржа состанок во Брисел меѓу претставниците на главната македонска Влада и опозициските партии со членови на Европскиот парламент. Сите учесници се согласија дека разговорите треба да продолжат, се наведува во сувопарното соопштение од кабинетите на тројцата европратеници-олеснувачи на денешнио дијалог.
Денешниот прв дијалог на двете најголеми македонски политички партии, што е за првпат по официјалниот бојкот од страна на СДСМ на македонското Собрание по минатогодишните парламентарни избори, најпрво започна со издвоени средби на македонските претставници со европратениците и претставниците на Еврокомисијата. Потоа се одржа работен ручек на Кукан, Вајгл и Ховит со Радмила Шеќеринска и Никола Попоски, а на крајот и заедничка средба на сите „тројки”.
Неофицијалните информации од двете средби се дека став на европратениците е итно враќање на македонските социјалдемократи во македонското Собрание и прекинување со објавување на телефонските разговори што се стекнати на нелегален начин, за што ќе следува судскиот случај „Пуч” на кој ќе се докажува нивната автентичност.
- Разговорите беа конструктивни, двете страни седнаа на заедничка маса и тоа е многу важно. Целта беше за европските работи да се разговара на европски начин и во тоа успеавме, гласел впечатокот на европратениците од овој состанок, што им го пренеле на останатите.
Со оглед на денешниот исход на овие првични разговори, од Европарламентот најавуваат дека по Велигденските празници ќе се одржи нова средба на денешните претставници на дијалогот со цел ставање крај на политичката криза во Македонија и враќање на СДСМ во Собранието. Оваа средба, исто така ќе се одржи во Брисел.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа