Средношколците бараат од МОН математиката да не биде задолжителен предмет на државна матура
Унијата на средношколци на Македонија како официјален претставник на сите средни училишта во земјава денес презентираше средношколска платформа, односно документ кој содржи барање на средношколците до Министерството за образование и наука во врска со последните измени во процесот за полагање на државна матура.
Тие очекуваат од МОН да ја разгледа платформата и да достават одговор на истата.
-Со платформата бараме прием од страна на надлежните во Министерството, на кои им велиме дека како средношколци имаме желба и сакаме подобро и поквалитетно образование, но никако не се согласуваме со начинот и со брзината на спроведување на новините во државната матура, што сите нас директно не засегаат, истакнуваат од Унијата на средношколци.
Тие сметаат дека по однос на ова прашање мора да биде слушнат и гласот на учениците.
-Нашето барање е едноставно, а тоа е математиката да не биде задолжителен предмет во државната матура за сите ученици. Нашиот став е дека математиката може да биде задолжителна само за учениците од природноматематичките гимназии, кои всушност одбрале да го учат тоа. Сите останати матуранти треба да имаат право на избор затоа што не секој од нас има дарба и интерес да полага математика. Многумина од нас се посветуваат на јазиците и општествените науки, каде математиката не е најпотребна. Тоа треба да биде земено предвид, истакнаа средношколците.
Тие велат дека за да го поднесат ова барање имаат поддршка од професорите.
Средношколците не се за бојкот на наставата, затоа што сметаат дека тоа не е начин за надминување на проблемите.
Унијата на средношколци бара и средба со надлежните во МОН.
За следните постапки ќе се договараат со претседателите на класовите на средношколците во сите училишта.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа