Три нови дигитални рендген апарати во болницата „Св. Наум Охридски“
Побрз проток на пациенти, помало зрачење, подобра и побрза дијагностика и заштеди ќе овозможат трите нови дигитални рендген апарати кои се монтирани и ставени во функција на Специјалната болница за хируршки болести "Св. Наум Охридски" во Скопје.
- Еден од трите апарати замени апарат кој бил инсталиран во 1962 година, кој беше аналоген и кој предизвикуваше многу трошоци и многу неизвесности. Новите апарати се со помало зрачење, можност за снимање на резултатите на ЦД што е од исклучително значење бидејќи може дигитално да се обработува сликата, со што ќе има подобра можност за анализа на резултатите од страна на докторите, а исто така носат и сериозна заштеда, од околу 7 милиони денари годишно за оваа здравствена установа, изјави министерот за здравство Никола Тодоров по посетата на оваа болница.
Директорката на „Св. Наум Охридски Јасминка Чабуковска посочи дека основни предности на апаратите се намалување на дозата на зрачење, што овозможуваат пост процесинг или дополнително обработка на сликите со зумирање, истакнување на маргини, контрастност, но како што истакна и тоа што овозможува да се архивираат голем број слики што порано не било можно.
- Покрај дигиталните апарати добивме и една систем архива која значи дека сите колеги во своите оддели ќе можат да ги гледаат истовремено сликите кои се работат на рендген, а и радиолошко информатички систем кој ќе придонесе за зголемување на квалитетот за поставување на точна и сигурна дијагноза, рече таа.
Додаде дека се намалува времето од сликање до добивање на сликата. Со дигиталните апарати, рече времето од експозиција до добивање на слика изнесува 4 до 5 секунди што, како што посочи, е многу побрзо од претходното добивање слики и ќе овозможи зголемен проток на пациенти.
Вредноста на овие три дигитални апарати изнесува околу 26 милиони денари
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа