ВМРО-ДПМНЕ: Вистински работиме на стандардот на граѓаните
ЛДП денеска се обиде да ја изманипулира јавноста со неточни информации и покажа дека се крајно лицемерни кога говорат за стандардот на работниците со оглед на фактот што токму тие и СДСМ кога беа на власт во 2005 година во Македонија невработеноста го достигна рекордното ниво од речиси 39 проценти, кога никој не ги штитеше правата на работниците, кога не постоеше ниту закон за минимална плата ниту било кој друг начин да се заштитат стандардот и правата на вработените, наведуваат ВМРО-ДПМНЕ на денешното соопшштение на ЛДП.
Според нив ова говори колку на ЛДП и беа важни работниците во време кога беа на власт и кога можеа да направат нешто за нив.
- Оваа Влада предводена од ВМРО - ДПМНЕ во вистинска смисла работи на стандардот на граѓаните и отварање нови работни места. Затоа со аргументација ќе ги потсетиме претставниците на опозицијата дека платата во јавен сектор од 2006 до 2014 е за 24 проценти зголемена, првпат во независна Македонија после 20 години на иницијатива на социјалните партнери, во почетокот на 2012 година се донесе Законот за минимална плата, успеавме да ја утврдиме минималната плата како законско решение. Ова беше и е голем успех и потврда за реален социјалниот дијалог во кој покрај синдикатите се вклучени и работодавачите. Законот започна да се спроведува со исплатата на платите од јануари 2012 година, а висината на минимална плата за 2012 година се утврди на износ од 8.050 денари на месечно ниво. Почнувајќи од март 2014 година, завршно со март 2016 година, минималната плата ќе се зголеми и ќе изнесува 10.080 денари. Во 2015 година минималната плата изнесува 9590 денари, за разлика од времето на СДСМ кога немаше Закон за минимална плата, наведуваат во реакцијата.
Долдаваат дека во времето на СДСМ просечно исплатената месечна нето плата по вработен за 2006 година изнесува 13.517 денари, а просечно исплатената месечна нето плата по вработен за 2014 година изнесува 21.394 денари.
Во соопштението појаснуваат дека во насока на намалување на невработеноста со социјалните партнери се подготвени стратегиски документи и дека плодната соработка последниве години дава конретни резултати.
- Во 2006 година стартувавме со невработеност од 38 проценти, но со многу мерки – директни, индиректни, со поддршката што ја дававме за стопанството во вид на евтини кредити, со големиот број инфраструктурни проекти во градежништвото и индустријата што овозможија слободни работни места, со слободните економски зони и сите други политики успеавме да ја намалиме таа невработеност од 38 проценти на 28 проценти. Тоа се стотици илјади работни места, стотици илјади луѓе нашле работни места, стотици илјади луѓе плата примаат, стотици илјади семејства, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
- Со привлекување нови инвестиции, со овозможување добри услови за фирмите и со ваквите мерки со хонорарците или со лицата кои биле волонтери дополнително ќе помогнат да ја стигнеме целта, а таа е невработеноста да се намали за стапка некаде околу 22 проценти до крајот на нашиот мандат во 2018 година, стои во реакцијата.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ,како што наведуваат, скоро предложи нови мерки за вработување кои дополнително ќе влијаат на невработеноста.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа