Вељаноски се сретна со новиот мексикански амбасадор Рамирес
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска имаше средба со новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Соединетите Мексикански Држави во Република Македонија, со седиште во Белград, Хосе Еваристо Рамон Шилоти Рамирес.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот Вељаноски, амбасадорот Рамирес изрази благодарност за средбата која ја смета за многу значајна за понатамошно извршување на неговата функција. Тој напомена дека ќе се залага за продлабочување на односите меѓу двете земји за што изрази подготвеност и отвореност да работи на продлабочување на парламентарната соработка со меѓусебно разменување на идеи и иницијативи.
Амбасадорот се интересирал за начинот на кој се одвиваат интегративните процеси на Република Македонија, особено измените во законодавството кои треба да се направат за влез во Европската Унија. Претседателот на Собранието Вељаноски истакна дека Македонија успешно ги спроведува потребните реформи и без проблеми се прилагодува на потребните измени во законските регулативи.
Вељаноски го информираше амбасадорот Рамирес дека има добиено покана за посета од страна на претседателот на мексиканскиот Сенат Мигел Барбоса Хуерта, во која ја нагласува потребата за поголема парламентарна соработка помеѓу двете земји. Вељаноски упати отворена покана до претседателот на Сенатот или до група сенатори, официјално да ја посетат Република Македонија во време кое ќе се договори по дипломатски пат и ќе одговара на двете страни.
Двајцата соговорници оценија дека добрата политичка и парламентарна соработка помеѓу две држави дава позитивен пример за да се развива соработка и на други полиња, дава позитивна слика на граѓаните како и на бизнис заедницата. Претседателот Вељаноски го истакна значењето на економската соработка и потенцира дека Македонија постојано работи на подобрување на економските услови и бизнис климата. Амбасадорот Рамирес истакна дека трговската размена на Мексико со Македонија е на повисоко ниво отколку со другите земји во регионот.
Како што се наведува во соопштението, Вељаноски ја потенцирал отвореноста на Собранието и неговиот Кабинет за континуирана комуникација и соработка со Амбасадата на Мексико.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа