Над 150 лица од јавните здравствени установи ги потпишуваат договорите за трајно вработување

 

Издадени се согласности за трансформации во редовен работен однос во 30 јавни здравствени установи и веќе над 150 лица кои биле ангажирани по овие основи почнаа да ги потпишуваат договорите за вработување на неопределено време, информираше министерот за здравство Никола Тодоров.

Само во првата група предвидено е да се трансформира работниот однос на околу 600 лица, ангажирани во Јавните здравствени установи, имајќи предвид дека се уште е во тек постапката за лица за кои бил прекинат договорот поради бременост, раѓање или мајчинство, рече Тодоров.

Досега вкупно 109 јавни здравствени установи ја поднеле потребната документација за трансформација од вкупно 112. За три јавни здравствени установи, има податок дека немаат вакви лица, односно сите јавни здравствени установи кои имале лица ангажирани по овие основи кои се опфатени во законот веќе ја доставиле потребната документација.

Јавните здравствени установи прво ја поднесоа документацијата до Министерството за здравство, а по извршена проверка Министерството ја достави до Фондот за здравствено осигурување и до Министерството за финансии каде што се врши дополнителна проверка.

-Во секоја јавна здравствена установа на видно место се објавени списоци на лица чиј работен однос ќе биде трансформиран на неопределено работно време, согласно законот, а лицата на списокот се подредени почнувајќи од лицето кое е најдолго ангажирано во установата до лицето кое е најкратко ангажирано во установата. Ова го направивме со цел јавен увид и транспарентност на процесот. Доколку сметаат дека им е повредено некое право, може да достават забелешка до Мнистерството за здравство или на мејлот transformacija@zdravstvo.gov.mk, која ќе биде соодветно разгледана и доколку има основ веднаш ќе биде интервенирано, потенцираше Тодоров.

Министерството за здравство формираше и Стручна комисија која ќе ги разгледува случаите на лица чии договори биле прекинати поради бременост, раѓање или мајчинство. Ова е во рамки на импелементација на Законот за трансформација во редовен работен однос, со кој се опфатени волонтери, лица ангажирани со договор на дело, авторски и други договори во органите на државна управа, локалната самоуправа и јавната администрација.

Министерот Тодоров, истакна дека е потребно да се достават само два документи- отпусно писмо од родилиште и извод од матична книга на родените, а врз основа на оваа документација, Комисијата издава потврда за исполнетоста на условот за прекин на ангажманот.

- Ги повикуваме сите лица кои ги исполнуваат условите предвидени со овој закон, а чии договори биле прекинати поради бременост, раѓање или мајчинство, да достават документација која оваа стручна комисија ќе ја разгледа и ќе ја потврди исполнетоста на овој услов за прекин на договорот и времетраење на прекинот. Ова барање ќе биде поставено на нашата веб страна на Министерството за здравство со цел да имаме унифицираност на сите барања, но секако ова не е задолжителен образец, туку е препорачливо да се поднесе барањето на овој образец со цел полесна обработка на податоците, истакна Тодоров.

Утре ќе биде објавен и оглас во дневните весници со кои ќе се повикаат лицата да ја достават потребната документација до стручната комисија по пошта или до архивата на Министерството за здравство. Рокот за доставување на документацијата е 30 дена од денот на објавување на огласот.

-Ова е многу значаен чекор во имплементацијата на овој Закон, имајќи предвид дека врз основа на потврдата од Стручната комисија, работодавецот ќе одреди дали лицето ги исполнува условите за трансформација во редовен работен однос или не, додаде Тодоров.

 

 

Оцени ја веста

27.03.2015 - 13:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега