Музејот на ВМРО со ново работно време

 

Националната установа Музеј на македонската борба – Скопје информира дека го отвора музејот за посетителите секој ден вклучувајќи ги и понеделниците, освен првиот понеделник во месецот.

-Со новото работно време, кое почнува овој понеделник 30 март 2015, музејот им излегува во пресрет на бројните туристи од земјата и странство чиј интерес е особено голем во периодот од мај до октомври. Музејот ќе биде отворен секој ден од 10.00 до 18.00 часот освен првиот понеделник во месецот кој ќе се користи за сервисни активности. Дополнителната понуда за посетителите се збогатува со можноста со секоја купена влезница за посета на Музејот да може да се посети терасата-видиковец во Порта Македонија, почнувајќи од понеделник 30 март 2015 година, соопштуваат од Музејот.

Во рамки на своите редовни активности, музејот во првата недела од април ќе ја реализира завршната изложба од проектот Музејот – пријател на децата. Овој проект кој почна со реализација во септември 2014 г. опфати двеста ученици од повеќе училишта од Македонија, а на завршниот дел ќе бидат доделени награди и признанија за учесниците.

Музејот на македонската борба ја организира изложбата Македонските национални носии на разгледниците 1890-1950 г. - македонскиот фолклор и идентитетот во Загреб, Република Хрватска. Изложбата ќе биде поставена во галеријата Етно-арт, а отворањето е закажано за 16 април. Во рамки на изложбените активности во мај се планирани две изложби во Музејот на македонската борба – по повод 70 години од Црвениот крст на Македонија и по повод Денот на сесловенските просветители – Св. Кирил и Методиј.

Музејот на македонската борба е македонски кандидат за наградата „Жива“ во организација на Форумот на словенските култури со седиште во Љубљана. Наградата се доделува на најдобриот музеј во словенските земји, а годинава се очекува учество на институции од 14 земји. Официјалните кандидатури ќе бидат објавени во Санкт Петерсбург, Русија во средината на мај.

 

 

Оцени ја веста

27.03.2015 - 12:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега