Македонија официјално во Еуродеск-мрежата за мобилност на младите на ЕУ
Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Дарко Димитров деновиве во Брисел учествува на годишниот состанок на европската мрежа Еуродеск, организирана од страна на EУРОДЕСК АИСБЛ (EURODESK AISBL) во Брисел на кој Република Македонија официјално стана членка на Eуродеск АИСБЛ, што е европска платформа која работи со национални партнери што ја сочинуваат Еуродеск-мрежата.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, главна цел е да понуди одговори на прашањата од таргетираните групи, како и да обезбеди пристап до квалитетни европски информации во однос на програмите на Европската унија и можностите за мобилност кои им стојат на располагање на младите луѓе.
Исто така, македонската Националната агенција, денеска се стекна и со статус на Национален Еуродеск-партнер со формирање на Еуродеск центар во Македонија. Националните партнери имаат обврска за доставување информации за можностите на Еуродеск во нивните земји, преку соработка со организации и избрани партнери на национално ниво.
Содржината на понудените информации од европско или национално ниво се однесува на финансирањето, контакти и ресурси, со посебен фокус на финансирање активности и можности кои се понудени од страна на Европската комисија, а кои вклучуваат млади луѓе и оние кои работат со нив. Еуродеск партнерите соработуваат на национално и меѓународно ниво преку дисеминација на информации, одговори на поставени прашања и барањa, обуки, логистика и организација на промотивни настани, вклучување во младински настани и активности.
- Националната агенција во рамките на годшниот состанок и годишното генерално собрание на европската организација Еуродеск АИСБЛ, се стекна со статус на официјална членка на оваа важна европска инцијатива. Како членка на Еуродеск граѓаните на Република Македонија, ќе можат да ги користат можностите кои ги нуди Европскиот младински портал, да бидат вклучени во европски младински кампањи, да добиваат квалитетни информации за можностите за мобилност низ Европа, како и информации за програмата Еразмус Плус, изјави директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Дарко Димитров.
Според Димитров, дополнително, Република Македонија преку Националната агенција ќе биде вклучена во организација на Европската недела на млади 2015, која ќе се организира под покровителство на Европската комисија во сите земји-членки, при што ќе стави акцент на структурниот дијалог во полето на младите, младинската работа и развојот на младинските политики.
Оцени ја веста
26.03.2015 - 15:55
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа