Австралиска пратеничка бара Македонија да се признае под уставното име

 

Алана Мектиернан, пратеничка во австралискиот Парламент од Перт, застана во поддршка на барањето на македонската заедница во Австралија за конечно признавање на Република Македонија под уставното име. Мектиернан зборуваше во австралискиот Парламент откако министерката за надворешни работи Џулија Бишоп со писмо ја информираше македонската заедница дека Владата ќе остане на својот став да ја употребува привремената референца во комуницирањето со Република Македонија.

"Силно го поддржувам барањето Австралија да ја признае Република Македонија под името кое оваа земја самата си го одбрала. Разбирам колку силно се револтирани Македонците во Австралија, како и сите Македонци, кои се противат на именувањето на Македонија како 'поранешната југословенска Република Македонија'. Мислам дека здравиот разум ни налага да престанеме да нарекуваме една земја со име кое таа самата не го поднесува. Мораме да истакнеме дека Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство почнаа да и се обраќаат на Македонија со името Република Македонија, и навистина би сакала да ги видам двете партии во Австралија да се обединат околу ова прашање", Мектиернан изјави во своето обраќање во средата. Мектиернан е пратеничка на опозициската Лабуристичка партија, избрана од Перт, град на западот на Австралија во кој има значителна македонска заедница. Уште еден пратеник од Перт, Лук Симпкинс од владејачката Либерална Партија, неодамна го постави истото барање до Владата на премиерот Тони Абот, пренесе МИА.

Наспроти барањата на Македонците во Австралија, австралиските партии се соочуваат со притисок од нешто поголемата грчка заедница, која инсистира Австралија да продолжи да ја признава Македонија под времената референца. На почетокот на март министерката за надворешни работи Џулија Бишоп, во писмо испратено до претставник на македонската заедница во западна Австралија, информираше дека австралиската Влада ќе продолжи да ја користи референцата додека Македонија и Грција не постигнат заемно прифатливо решение на спорот за името. Ова писмо ја револтираше македонската заедница во Австралија, која инсистира дека покрај недоличното именување на Република Македонија, и на нив, како граѓани на Австралија, им е ускратено правото слободно да ја изразуваат својата етничка припадност.

Во своите забелешки, Мектиернан додава дека Република Макеоднија има силна парламентарна демократија, работи напорно да ја развие својата економија во услови на криза во Европа, и треба да добие поддршка во своите напори за членство во Европската Унија, а не да биде оптоварувана со спорови како овој за името. Во својот коментар Мектиернан ги истакнува напорите на македонскиот амбасадор во Австралија Веле Трпески, почесниот конзул во Перт Зоран Ќосески и целата македонска заедница во Австралија за да се изградат врските меѓу двете земји.

 

 

Оцени ја веста

26.03.2015 - 12:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега