Се што треба да знаете за туларемија- симптоми, препораки, лекување
Стравот од туларемија е присутен и во Македонија.
Во продолжение прочитајте ги сите детали – кои се симптомите, како да се заштитите и лекувате.
Човекот може да се инфицира на повеќе начини и тоа: директно, преку консумирање на контаминирана вода или контаминирано месо кое термички не е обработено; аерогено преку инхалација на контаминирана прашина од семе, сено или почва; при каснување од вектори (крлежи, комарци или муви); при лабораториски тестирања.
Инфекцијата не може да се пренесе од човек на човек.
Фемина ги објавува деталите:
КОИ СЕ СИМПТОМИТЕ?
Кога ќе се јави болеста зависи од повеќе фактори, од вируленцијата на бактеријата, дозата, начинот на експозиција итн. Периодот на инкубација изнесува од 1 до 21 ден, но најчесто болеста се манифестира 3-5 дена по изложеноста.
Постојат 6 клинички форми на туларемија и за сите нив заеднички се следните симптоми: болка во мускулите, главоболка, температира, треска. Во зависност од тоа за која клиничка форма на туларемија се работи, се развиваат дополнителни симптоми. Клиничките форми се:
Улцерогландуларна форма. Овој облик е најчест и се јавува како резултат на каснување од заразено животно или од вектор кој претходно се хранел од заразено животно. Ретко, улцерогландуларен облик може да се јави и по ракување со загадено месо, при пресекување или гребнување на раката со нож. По инкубацијата, освен горенаведените симптоми, настанува промена на кожата (улцер) која се јавува на местото на каснување. Лимфните жлезди во близина на улцерот се зголемуваат, стануваат болни, а постои можност и самите да улцерираат.
Гландуларна форма. Симптомите се слични како и во првата форма, но нема појава на улцери.
Окулогландуларна форма. Болка во очите, црвенило, оток, гноен исцедок, а во потешки случаи, улцерации на очите се типични симптоми за овој облик на болеста.
Орофарингеална форма. Болно грло со или без улцери, повраќање, дијареја и болка во стомакот се симптомите кои ја одликуваат оваа форма. Се јавува поради консумирање на термички необработено месо или пиење на контаминирана вода.
Пулмонална форма. Кашлица, болка во градите и отежнато дишење се симптоми кои се јавуваат при оваа форма на болеста. Пулмоналниот облик настанува при инхалација или како компликација од другите форми.
Тифоидна форма. Станува збор за редок облик на болеста со појава на септикемија. Покрај гореспоменатите симптоми, се јавува малаксаност, обилно повраќање и дијареа, зголемување на црниот дроб и слезенката. Заедно со пулмоналната форма, овие два облици на болеста се најтешки и најфатални.
ЛЕКУВАЊЕ
Бидејќи станува збор за бактериска инфекција, за лекување на болеста се користат антибиотици. Лек на избор е Streptomycin, но може да се користат и други антибиотици како Doxycyclin, Cyprofloxacin и Gentamycin.
ПРЕВЕНЦИЈА
Со цел превенција од туларемија, следете ги следните препораки:
-Заштитете се од инсекти. Доколку одите во природа, носете облека со долги ракави за да се заштитите од каснување од крлежи, а откако ќе се вратите дома, задолжително проверете го целото тело за случајно да не има прикачено крлеж. Дополнително, користете средства против комарци и крлежи.
-Внимавајте на исхраната. Пред да се консумира местото, потребно е термички да се обработи минимум на 65°C околу 20 минути.
-Одбегнувајте пиење на вода од сомнително потекло.
-Применувајте лични мерки за заштита. Доколку имате професија поради која сте во контакт со животински ткива (готвач, месар, сточар), или се наоѓате во место каде владее ова заболување, користете маски за лице и ракавици.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа