Европарламентарците со јасна порака до СДСМ
Опозиционерите од Македонија и Албанија како опозиција мора да разберат дека некогаш се победува, но и дека некогаш се губи и дека не е срамно да се биде во опозиција и оти ниту едно правило не може да ги смени резултатите од гласањето на изборите ниту волјата на гласачите, на кои не треба да им се работи зад грб.
Ова го порачаа европратениците Елмар Брок, Кристијан Дан Преда, Кнут Флекенштајн, Едвард Кукан и Иво Вајгел на денешната дебата за политичка култура во Европарламентот во Брисел со претставници на парламентите од земјите од Западен Балкан.
Тие го оценија бојкотот на македонското Собрание како катастрофален потег и ја повикаа партијата на СДСМ да ги почитува правилата. Претседателот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), Елмар Брок порача дека една опозиција во земјата мора да се однесува според правилата и дека бојкотот на Парламентот мора да престане во случајот со Македонија.
На оваа дебата, на која од Македонија присуствуваат и Антонио Милошоски (ВМРО-ДПМНЕ) и Радмила Шекеринска, Лидија Димова и Љупчо Јосифовски (СДСМ), Брок испрати силна порака дека опозицијата во една земја мора да биде заштитена од притисок, но и дека мора да се однесува позитивно.
Според германскиот европратеник, во Европската унија има различни историски и културни позадини и понекогаш ова го отежнува разбирањето за некои прашања во Европарламентот оти сите доаѓаат со различни приоритети.
Политичката култура, според Брок, значи дека мора да се научи дека мора да постои систем на проверка и рамнотежа на самите институции и во самите институции. Судовите, според искусниот германски европратеник, мора да се отргнати од влијание, да се независни, а уставните судови не може да бидат надгласани со просто мнозинство во парламентот.
Според Брок, истото важи и за правилата за работа на парламентот и ако има правила според кои опозицијата може да формира анкетни комисии, да дебатира, тоа и дава шанса на неа да дебатира, па и да запре одредена појава. Овие правила тој рече дека мора да се почитуваат и мнозинството не може да биде над правилата и тоа и обезбедува права на опозицијата.
- Не верувам дека опозицијата треба да биде лојална, но секако, мора да има начин за соодветно, позитивно однесување. Не е правилно да не се присуствува на работата на парламентот и истиот да се бојкотира. Тоа е опструкција. Во рамките на системот во парламентот, опозицијата исто така има право да опонира и да каже не, ова треба да престане. Таа може да работи да ја уништи власта, но опозицијата мора да се однесува во рамки на правилата и да не го бојкотира парламентот и мора да присуствува на неговата работа - гласеше пораката на Брок до социјалдмеократите во Македонија.
Според првиот човек на најголемиот Комитет во Европарламентот, во кој се гласа и за Резолуцијата за Македонија во однос на евроинтеграциите, една Влада е избрана за одреден период, со мандат од четири-пет години и таа е законска Влада се додека има мнозинство да продолжи да функционира како Влада.
- Тоа е правило кое мора да се разбере, дека Владата избрана со соодветно мнозинство има период во кој треба да работи. Овие начела може да функционираат ако има конструктивен политички дијалог. Мора да има подготвеност и покрај разликите меѓу политичките групи, да има соработка во парламентот за да се овозможи примена на правилата. Мора да се соработува на агендата и опозицијата и позиција да се усогласат за агендата на дневниот ред и временската рамка, за да може да се спроведат правилата и да бидат прифатливи за сите - дециден беше Елмар Брок.
Германецот нагласи дека мора да има конструктивен дијалог и тоа не значи опозицијата да се согласи со ставот на Владата, но дека конструктивна соработка значи примена на правилата за работа на парламентот. Според него, станува збор за практично функционирање на парламентот и ако не се применуваат овие правила, се намалува просторот на опозицијата да го искаже своето мислење.
Германскиот европратеник беше дециден дека понекогаш има поголеми интереси на земјата, кога е потребна мешавина од општ интерес, па дека затоа силната опозиција не може да биде љубезна кон Владата и нивна должност е да не бидат такви, но дека и двете страни мора да се придржуваат кон правилата и мнозинството и малцинството мора да се придржуваат кон правилата за функционирање на парламентот.
На крајот на дебатата, Брок посочи дека е заинтересиран за тоа како ќе се одвиваат работите во Албанија и во Македонија во однос на обвинувањата и судските процеси. Тој уште еднаш повика опозицијата да биде конструктивна во тој процес и посочи дека „опозицијата не смее да биде неконструктивна и треба да ги користи правилата”.
- Брисел не треба да биде судија за тоа како ќе се однесуваат позицијата и опозицијата во една од земјите-кандидати. Зрелите демократии немаат потреба од Брисел. Не се чувствувам многу добро ако треба да бидам медијатор меѓу Владата и опозицијата и не би требало да има потреба од тоа. Ама, ако сметате дека можеме да помогнеме, тоа ние ќе го сториме, но не е најсоодветно. Демократијата е нешто што е во рацете на самата земја, заклучи Брок.
Бојкотот на парламентот е катастрофален и не е вистинскиот начин, порача романскиот европратеник Кристијан Дан Преда. Според него, улогата на опозицијата е да критикува и да кажува што не чини, вклучително и во однос на пристапувањето кон ЕУ. Сепак, тој и порача на македонската опозиција дека тоа што го прави не е правилно.
- Бојкотот е катастрофален и не е вистинскиот начин. Тоа е минус во логиката на дмеократијата. Ако добиете мандат од граѓаните, вие не треба да ја бојкотирате работата на парламентот. Јас сум демократски парламентарец и сметам дека треба да се учествува во дебтата, посебно во кревка ситуација кога сте малцинство. Опозицијата треба да превземе одговорност и да тера оти и во иднина ќе има избори кои може да ги променат работите, истакна Дан Преда.
Пред крајот на својот настап, романскиот европратеник истакна дека во една земја мора да има консензус кога станува збор за клучни прашања од интерес за државата, како што се евро-атлантските интеграции. Сепак, според него, колку власта, толку и опозицијата има одговорност за политичкиот дијалог и култура во земјата.
- Бојкотот на Парламентот е секако неприфатлив, беше дециден европратеникот Дан Преда.
Според Флекенштајн, чиј дел од сопартијците во европското социјал-демократско семејство дадоа поддршка на однесувањето на СДСМ во Македонија, има одговорност кај мнозинството да внимава дека опозицијата може да функционира и да претседава не само со собраниски комисии, туку и да има соодветна клима за работа.
- Но, опозицијата мора да работи во согласност со Уставот и тука Уставниот суд внимава на почитувањето. Ниту едно правило не може да ги смени резултатите од гласањето од изборите и опозицијата не треба да ги меша овие работи. Сите овие правила и политичката култура не може на крајот на краиштата да ја сменат волјата на гласачите, потенцираше искусниот европратеник од Германија.
На напомената од претставниците на СДСМ дека мора да се превземат дејствија и на теренот, а вон Парламентот, тој се согласи, но им порача дека тие се избрани како пратеници и имаат должност да контролираат што прави Владата, како дополнение на работата како пратеник.
- Секоја касиерка во супермаркет, ако не доаѓа на работа ќе има проблем и се согласувам дека пратеници што не одат во парламент и не превземаат должност, дека треба да имаат проблем. Ако сакате да ги решите проблемите, треба да сте подготвени на компромис. Но, гласачите решаваат и не треба да им се работи зад грб, им порача Флекенштајн на претставницитена СДСМ на дебатата во Европарламентот.
Според германскиот европратеник, ако нешто не може да се реши на политичко ниво и ако има криминална активност или некои други проблеми што не може парламентот да ги реши, тогаш е многу важно да има независно судство што може да се занимава со тие проблеми и да го применува законот. Тој посочи дека во Албанија се говорело за криминализација на парламентот и за тоа дека луѓе со кривично досие треба да се исклучат од парламентот.
- Тоа е наш став и во Германија, каде самите медиуми не би дозволиле истото да се случи. На медиумите не би им се допаѓало луѓе од мојата Социјал-дмеократска партија, а со криминално минато, да се на листите, додаде Флекенштајн.
Тој посочи дека со европратеникот Кукан успеале во Албанија и дека е сигурен дека со дипломатските напори на неговите колеги ќе се најде начин и во Македонија да продолжи соработката во рамки на Парламентот.
Кукан, кој е поранешен министер за надворешни работи на Словачка, на дебатата посочи дека му се чини оти во некои земји од Западниот Балкан, улогата на опозицијата не се гледа правилно.
- Ако се изгубат избори и ако се најдете во опозиција, луѓето тоа го гледаат како срам, неуспех и на секој начин се обидуваат да го променат тоа. Ние во Словачка, улогата на опозицијата не ја гледаме така. Во сите демократски општества има легитимен простор за активностите на опозицијата. Нема срам во тоа да се биде опозиција. Тоа е политичкиот живот, некогаш се добива, некогаш се губи. Не знам како ќе се промени таа перцепција, но улогата на опозицијата во земјите и во сите општества мора да се промени, беше дециден Кукан.
Словакот додаде и дека кога сте во опозиција, имате време да ја градите партијата и да правите добри работи и посочи дека “улогата на опозицијата како опозиција не е трагедија и крај на светот”. Искусниот европратеник, денеска рече и дека учеството на сите политички сили во парламентарната работа е суштина на демократијата и дека тоа е принципот до кој се придржуваат во Европскиот парламент.
- Сведоци сме на влошување на ситуацијата во регионот и на поларизирани односи меѓу лидерите во Македонија, Албанија и Косово, што е погрешно. Без функционален парламент, земјата не може да функционира како што треба. Така реформите се сопираат. Работата на парламентарецот е да ги застапува своите граѓани и тоа не може да се постигне ако не се присуствува на седниците. И државните институции треба да дејствуваат независно и без политичко мешање, порача Едвард Кукан.
Според поранешниот шеф на словачката дипломатија, политичката култура во парламентарната соработка е важна за земјата и тоа не се учи и треба да е плод на внатрешно и искрено убедување. Тој порача дека политичката култура во земјите-членки и земји-кандидати не е бојкот на парламентот, не е антагонизирање на противникот, не е неосновани обвинувања, не е шпионирање на граѓаните, не е влијание врз независноста на институциите, не е култивирање средина на самоцензура на општеството и новинарите.
- Бојкотот на парламентите во Албанија и Македонија, како и постизборните ќорсокаци на Косово и БиХ не загрижуваат во ЕП и сериозно го разбираме истото. Интеграцискиот процес бара генерален консензус на целиот политички спектар, како и ефикасна работа на парламентот. Токму парламентот е арена за размена на мислење и бојкотите се контра-продуктивни и водат кон одложување на реформите и интеграциите, истакна Кукан.
Според словачкиот европратеник, има два водечки принципа во секое успешно решавање на парламентарен ќорсокак. Како прво, тој посочи дека е искрената посветеност од власта и опозицијата и како второ - почитување на постигнатите договори. Само кога ќе се исполнат овие услови, Кукан посочи дека е можен излез од тешката ситуација и дека колку е поотворена и поискрена дискусијата, тоа е подобро.
Известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл рече дека Парламентот е местото каде сите што имаат мандат, треба да бидат активни, да дојдат и да преземат дел од одговорноста. - СДСМ, како ретко во Европа, има 30 отсто од мандатите во Парламентот и треба да ја преземе одговорноста за тоа, истакна Вајгл.
Во својот долг настап на дебатата посочи дека тоа му го рекол лично во разговор на лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Според Вајгл, има криза на доверба и на функцонирањето на демократијата во Македонија, а тој е известувач за Македонија и смета дека ако некој сака да придонесе за добри и позитивни случувања конкретно во Македонија, треба да биде објективен и да помогне.
- Ќе кажам нешто што на моите колеги нема да им се допадне. Ние, Европарламентот, Еврокомисијата и европските влади и политички партии, не сме секогаш успешни во помагањето на нашите братски и сестрински партии во земјите од Западниот Балкан. Има многу случаи каде некоја послаба партија има поддржано свој брат или сестринска партија многу некритички. Тоа не придонесува за кредибилитетот на ЕУ. Нема да кажувам имиња и предмети, но имаше случаи каде очигледно не беше потребно да се упати поддршка на братската партија, туку требаше да се дадат европски совети и да се држите до европските стандарди, ги искритикува Вајгл дел од европските социјал-демократи што дадоа отворена поддршка на СДСМ во Македонија.
Тој посочи дека наскоро ќе биде во ситуација, заедно со колегата Кукан, да им помогнат на, како што рече, македонските пријатели и партии, па тој вети дека ќе се обиде да биде што е можно понеутрален и да помогне што е можно повеќе.
Словенецот посочи дека Резолуцијата на Европарламентот за Македонија, некако ја тргнала настрана тековната криза. Според Вајгл, сите знаеле што се случува во полемиката за Македонија, но ја нагласиле поддршката за европската перспектива на Македонија и дека брз почеток на преговорите е неопходен.
- Дури и напишавме дека имаме одговорност во политичката криза што земјата долги години е оставена без конкретен напредок во процесот на пристапување оти е неоправдано една земја да може да решава за судбината на друга земја, рече Вајгл.
Словенечкиот европратеник истакна дека Европарламентот ќе треба да даде свој придонес за да биде дел од решението за македонската политичка криза и да даде перспектива за почеток на преговорите. Тој се надева дека европратениците ќе придонесат со своето влијание и положбата на Парламентот и рече дека не би сакал да говори за тоа кој е во право, а кој не во Македонија, со оглед на обвинувањата од сите страни.
- Но, Парламентот е местото каде сите што имаат мандат треба да бидат активни, да дојдат и да преземат дел од одговорноста. Па, така, кога разговарав со лидерот на СДСМ, реков дека не знам дали има некоја земја во ЕУ каде опозицијата има 30 отсто од гласовите? Не знам дали има такви? Но, има земји каде со 30 проценти може да се направи малцинска влада. Значи, 30 проценти е важен мандат и треба да се земе и да се преземе одговорноста. А, нерегуларностите, кои се очигледни, треба да се испитаат од органите на земјата и од институциите како полицијата, обвинителството, судовите и можноста да се формира посебна Анкетна комисија во рамки на Парламентот, дециден е Вајгл.
Словенецот, исто така, рече дека демократизацијата и отвореноста на медиумите во Македонија е апсолутна потреба и приоритет и беше дециден дека на скорешната медијација меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од страна на европратениците, дека тие ќе се обидат да го олеснат дијалогот меѓу партиите, но дека само тие ќе можат да дадат решение, а не европратениците. Тој смета дека никој не може да даде решение ако партиите не преземат одговорност за иднината на земјата, да постават приоритети и да се вклучат во политичката одговорност.
- Не сакам да навлегувам во дебатите во Македонија. Целта е да се најде решение. На Македонија и треба решение и истото, само политичките партии може да го најдат. Не исклучувајте, не одбивајте идеи и одговорност да се договорите. Мора да се договорите на некои приоритети кои се приоритети на земјата, не на политичките партии. А, приоритет на земјата е да почне да преговара со ЕУ. Иако, за жал, во Македонија, токму ние како Унија не ги одржуваме ветувањата, им се обрати Вајгл на македонските пратеници Милошоски, Шекеринска, Димова и Јосифовски.
Тој испрати порака дека иако имаат различни погледи, дека овој проблем мора да се решава во рамки на институциите на земјата. Вајгл истакна дека е сигурен и убеден дека по денешната дебата е можен компромис и тој е потребен за Македонија.
- Никому не помага ако само испраќате пораки едни на други и да ширите не-добар говор за потребите за компромис. Очекувам, во блиска иднина, со Кукан и Европарламентот да помогнеме Македонија да направи прогрес и да бара политичко решение, речеевропратеникот Иво Вајгл.
Својот говор тој го заврши со фактот дека треба да се признае оти сите ЕУ-земји, па и Словенија, покажуваат недостатоци, а во словенечкиот случај, дека веќе десет години земјата е членка на ЕУ, а се уште има проблем со слободата на медиумите и нивната положба, како и нивната одговорност во општеството. Според Словенецот, состојбата е иста и во Словенија, како што е и во Србија, Македонија и Црна Гора.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа