Вајгл: СДСМ има 30 отсто во Парламентот и треба да ја преземе одговорноста за тоа
Парламентот е местото каде сите што имаат мандат, треба да бидат активни, да дојдат и да преземат дел од одговорноста. СДСМ, како ретко во Европа, има 30 отсто од мандатите во Парламентот и треба да ја преземе одговорноста за тоа, истакна известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, на денешната дебата за демократска контрола во рамки на политичката култура и дијалог во општествата во ЕП.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Вајгл во својот долг настап на дебатата на која присуствуваат пратеници од парламентите на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и Антонио Милошоски, Радмила Шекеринска, Лидија Димова и други македонски пратеници, посочи дека тоа му го рекол лично во разговор на лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Според Вајгл, има криза на доверба и на функцонирањето на демократијата во Македонија, а тој е известувач за Македонија и смета дека ако некој сака да придонесе за добри и позитивни случувања конкретно во Македонија, треба да биде објективен и да помогне.
- Ќе кажам нешто што на моите колеги нема да им се допадне. Ние, Европарламентот, Еврокомисијата и европските влади и политички партии, не сме секогаш успешни во помагањето на нашите братски и сестрински партии во земјите од Западниот Балкан. Има многу случаи каде некоја послаба партија има поддржано свој брат или сестринска партија многу некритички. Тоа не придонесува за кредибилитетот на ЕУ. Нема да кажувам имиња и предмети, но имаше случаи каде очигледно не беше потребно да се упати поддршка на братската партија, туку требаше да се дадат европски совети и да се држите до европските стандарди, ги искритикува Вајгл дел од европските социјал-демократи што дадоа отворена поддршка на СДСМ во Македонија.
Тој посочи дека наскоро ќе биде во ситуација, заедно со колегата Кукан, да им помогнат на, како што рече, македонските пријатели и партии, па тој вети дека ќе се обиде да биде што е можно понеутрален и да помогне што е можно повеќе.
Словенецот посочи дека Резолуцијата на Европарламентот за Македонија, некако ја тргнала настрана тековната криза. Според Вајгл, сите знаеле што се случува во полемиката за Македонија, но ја нагласиле поддршката за европската перспектива на Македонија и дека брз почеток на преговорите е неопходен.
- Дури и напишавме дека имаме одговорност во политичката криза што земјата долги години е оставена без конкретен напредок во процесот на пристапување оти е неоправдано една земја да може да решава за судбината на друга земја, рече Вајгл.
Словенечкиот европратеник истакна дека Европарламентот ќе треба да даде свој придонес за да биде дел од решението за македонската политичка криза и да даде перспектива за почеток на преговорите. Тој се надева дека европратениците ќе придонесат со своето влијание и положбата на Парламентот и рече дека не би сакал да говори за тоа кој е во право, а кој не во Македонија, со оглед на обвинувањата од сите страни.
- Но, Парламентот е местото каде сите што имаат мандат треба да бидат активни, да дојдат и да преземат дел од одговорноста. Па, така, кога разговарав со лидерот на СДСМ, реков дека не знам дали има некоја земја во ЕУ каде опозицијата има 30 отсто од гласовите? Не знам дали има такви? Но, има земји каде со 30 проценти може да се направи малцинска влада. Значи, 30 проценти е важен мандат и треба да се земе и да се преземе одговорноста. А, нерегуларностите, кои се очигледни, треба да се испитаат од органите на земјата и од институциите како полицијата, обвинителството, судовите и можноста да се формира посебна Анкетна комисија во рамки на Парламентот, дециден е Вајгл.
Словенецот, исто така, рече дека демократизацијата и отвореноста на медиумите во Македонија е апсолутна потреба и приоритет и беше дециден дека на скорешната медијација меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од страна на европратениците, дека тие ќе се обидат да го олеснат дијалогот меѓу партиите, но дека само тие ќе можат да дадат решение, а не европратениците. Тој смета дека никој не може да даде решение ако партиите не преземат одговорност за иднината на земјата, да постават приоритети и да се вклучат во политичката одговорност.
- Не сакам да навлегувам во дебатите во Македонија. Целта е да се најде решение. На Македонија и треба решение и истото, само политичките партии може да го најдат. Не исклучувајте, не одбивајте идеи и одговорност да се договорите. Мора да се договорите на некои приоритети кои се приоритети на земјата, не на политичките партии. А, приоритет на земјата е да почне да преговара со ЕУ. Иако, за жал, во Македонија, токму ние како Унија не ги одржуваме ветувањата, им се обрати Вајгл на македонските пратеници Милошоски, Шекеринска, Димова и Јосифовски.
Тој испрати порака дека иако имаат различни погледи, дека овој проблем мора да се решава во рамки на институциите на земјата. Вајгл истакна дека е сигурен и убеден дека по денешната дебата е можен компромис и тој е потребен за Македонија.
- Никому не помага ако само испраќате пораки едни на други и да ширите не-добар говор за потребите за компромис. Очекувам, во блиска иднина, со Кукан и Европарламентот да помогнеме Македонија да направи прогрес и да бара политичко решение, речеевропратеникот Иво Вајгл.
Својот говор тој го заврши со фактот дека треба да се признае оти сите ЕУ-земји, па и Словенија, покажуваат недостатоци, а во словенечкиот случај, дека веќе десет години земјата е членка на ЕУ, а се уште има проблем со слободата на медиумите и нивната положба, како и нивната одговорност во општеството. Според Словенецот, состојбата е иста и во Словенија, како што е и во Србија, Македонија и Црна Гора.
Оцени ја веста
24.03.2015 - 14:30
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа