Македонија со ниска стапка на заболени од туберкулозa
Најнови стандарди за дијагностицирање, лекување и превенирање на туберкулозата вклучени во Националната стратегија за туберкулоза, се применуваат во Република Македонија која е меѓу земјите со ниска стапка на регистрирани случаи со туберкулоза (помалку од 20 лица на 100.000 население). Во 2014 година се откриени 285 нови случаи со туберкулоза со стапка од 13,8 на 100.000 население, што е за 38 случаи помалку споредено со 2013 година, кога бројот на новооткриени изнесуваше 325 лица.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров на одбележувањето на Светскиот ден на туберкулозата под мотото „Да се открие, да се лекува и секој да се излекува! Дали оваа кашлица е ТБ-да се тестира и да се излекува!”.
Нагласи дека туберкулозата се уште е болест на младата популација, и најмногу се засегнати лицата на возраст од 25-45 години, а во текот на 2014 година најмногу доминира возрасната група од 25-34 години со 20,4 отсто од вкупно регистрираните случаи, по што следи возрасната група од 45-54 години со 18,2 отсто, а возрасните групи од 55-64 години и постари од 65 години се застапени со околу 15 отсто.
- Како резултат на усогласените активности и мерки за контрола на болеста во нашата земја, од 2002 година до денес бележиме континуирано и постепено намалување на вкупниот број на новооткриени случаи со туберкулоза. Се реализира и Програмата за контрола на туберкулоза финансирана со грант од Глобален фонд за борба против ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија, истакна Тодоров.
Во текот на минатата година, со средства од Глобалниот Фонд и Министерството за здравство, посочи, набавено е специјално теренско возило за превентивни прегледи-Флуоробус, со кој се извршени повеќе од 2.500 снимања меѓу ризичните популации во: затвори, психијатриски болници, ромска популација, бездомници, зависници од лекови итн.
- Во Националната референтна лабораторија за туберкулоза се воведени два брзи молекуларни тестови за дијагноза на ТБ и за добивање резултати од тестовите на резистенција во тек на еден до два дена. Набавката на новите апарати е извршена со финансиска поддршка од Глобалниот Фонд и Министерството за здравство, рече Тодоров.
Додаде дека во текот на 2014 година воведен е и Квантиферон тест за дијагностицирање на латентна туберкулозна инфекција пред се кај ризичните групи, како контактите со болни од туберкулоза, ХИВ позитивни лица, имунокомпромитирани лица, лица кои добиваат биолошка терапија, лица на хемодијализен програм итн.
Директорот на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Билјана Илиевска Поповска рече дека покрај континуираното намалување на новооткриени случаи со туберкулоза во последните десеттина година, во 2014 година се бележи намалување на бројот на умрени од болеста.
- Ако во 2013 година бројот на умрени од тубекулоза беше 24, во 2014 година бројот се намалува на 18 или со стапка од 0,9 на 100.000 жители. Во континуитет се намалува бројот на оние кои повторно се разболуваат. Се намалува бројот на децата болни од туберкулоза и во текот на 2014 година регистрирани се 19 болни деца, што е помалку споредено со 2013 година која имаше 23, истакна Илиевска Поповска.
Таа посочи дека благодарение и на воведувањето на новите дијагностички тестови т.н. брзи молекуларни тестови се бележи умерено подобрување на бројот на потврдените случаи со туберкулоза, а во 2013 година процентот на успешно излекуваните изнесува околу 90,1 отсто и се стремат во иднина тој процент да биде околу 95 отсто.
Додаде дека во Македонија во 2014 година е регистриран само еден случај на заболен од туберкулоза со ХИВ позитивна инфекција, а во текот на изминатите четири до пет години немале регистрирано ниту еден случај на заболен од туберкулоза со ХИВ позитивен статус.
Одбележувањето на Светскиот ден на туберкулозата се одржа во организација на Националниот координативен механизам со поддршка на Министерството преку програмите поддржани од Глобалниот фонд за борба против ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија, како и ЈЗУ Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа