„Потоп" во Битола, Берово, Охрид и Прилеп
Во текот на февруари на територијата на Македонија годинава за два до три пати се наврнати поголеми количини воден талог од просечното.
Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи најмногу врнежи наврнале во Гевгелија со вкупна измерена месечна сума од 139,9 мм, Маврово 124,8 мм и Битола 106,9 мм.
Карактеристично е што најголемото количество врнежи е забележано во првата декада од февруари и бидејќи последната декада од претходниот месец изобилуваше со врнежи, како последица се случија бројни поплави во многу региони во Републиката.
На мерните места во Битола, Берово, Охрид и Прилеп, на 1 февруари се измерени дневни суми на врнежи од 46,4 мм, 49,4 мм, 66,5 мм и 58,5 мм, кои ги надминуваат досегашните апсолутни максимални дневни вредности.
Температура над просекот е измерена во Штип и Струмица за 1,5 степен повисока.
Позитивни отстапувања во првата декада од месецот во однос на минатогодишниот просек е забележана на поголем број мерни места кои се движат од 0,8°С во Скопје и Крива Паланка до 2,4°С во Струмица.
Средните месечни максимални и минимални температури се во рамките на просечните многугодишни вредности, а измерените екстремни температури не ги надминуваат вредностите кои се регистрирани во текот на целиот мерен период.
Информацијата е изготвена според мерењата и податоците од Главните метеоролошки станици на метеоролошкиот набљудувачки систем за период од 1951 година до февруари 2015 година.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа