Метеоролозите ќе ги соопштуваат најлошите вести оваа недела
До крајот на оваа работна недела се очекува прилично променливо време. Особено средината на неделата ќе биде „интересна“ во однос на блиц температурниот пад, па потоа скок. Врнежите исто така нема да изостанат од прогнозата за овие денови, пишува специјализираниот портал за временска прогноза МетеоПро.
ВТОРНИК
Нешто помала облачност се очекува претпладне, а со тоа ќе има услови за повеќе сончеви периоди, особено во североисточниот крај. Југозападниот регион ќе биде нешто пооблачен наутро. Од пладне па се до крајот на денот облачноста постепено ќе се зголемува. Освен „ситно проросување“ во западниот регион, посериозни врнежи не се очекуваат.
Температурата ќе има максимална вредност околу 10°С во котлините во западниот регион и околу 12°С во источниот регион. Максималната температура во земјава ја очекуваме во гевгелискиот крај, но таа нема да надмине 13°С.
Наутро не се очекува температура под 0°С.
СРЕДА
Облачно време со врнежи од дожд низ котлините. Врнежите ќе започнат наутро во јужните и западните делови од земјата. Генерално околу пладне тие ќе се рашират речиси на целата територија од земјата и во тој период тие ќе бидат нешто поинтензивни. Во вечерните часови врнежите генерално ќе престануваат.
Врнежи од снег се очекуваат на планините и тоа на надморска висина над 1600 метри.
Во однос на температурата од вторник, во среда се очекува пад на максималната температура од околу 4°С во северниот крај и околу 3°С во јужниот крај. Максималната вредност на температурата во котлините во северниот дел од земјата нема да надмине 8°С, а во јужниот таа нема да надмине 11°С.
Утрото повторно ќе измине во знакот на позитивна минимална температура.
ЧЕТВРТОК
Овој ден од неделата ќе биде повторно облачен, но нема да донесе особени врнежи. Она што ќе биде карактеристично е можната појава на локална атмосферска нестабилност, особено во југозападниот крај, во попладневните часови. Со тоа ќе се создадат услови за појава на краткотраен дожд проследен со ретка појава на грмежи.
Голема е веројатноста дека овој ден ќе биде и најтоплиот неделава. Максималната температура во северната половина од земјата ќе има вредност околу 13°С. Сличен максимум се очекува и во југозападниот крај. Најтопло, со максимална околу 16°С ќе биде долж Повардарие.
ПЕТОК
Уште еден облачен, но и врнежлив ден. Иако не се очекува некој особено голем интензитет на врнежите, сепак дождот ќе врне во поголем дел од денот.
Повторно се очекува пад на максималната температура. Петок, во однос на четврток ќе биде постуден за околу 3°С.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа