Европски политичари со писмена декларација ги осудија постапките на СДСМ
Група од 21 политичар, пратеници и членови на Парламентарното собрание на Советот на Европа, ги осудуваат „заканите на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кон премиерот Никола Груевски“.
Тие со писмена декларација изразија загриженост од последниот развој на политичката ситуација во Македонија, особено за, како што велат, „неодговорното однесување на политичката опозиција“.
Политичарите во оваа декларација ги осудуваат „заканите на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кон премиерот на Македонија, Никола Груевски“ како и „инволвираноста на странски тајни служби и нелегалното прислушување на највисоките државни претставници на Република Македонија“.
Писмената декларација ја потпишаа: Педро Аграмунт од Шпанија, Германецот Аксел Фишер, Французинот Жан-Клод Мињон (кој е претседател на Парламентарното собрание на Совет на Европа), Дебора Бергамини од Италија, Георги Канделаки од Грузија, кои ја поддржуваат интеграцијата на Македонија во Европската унија и НАТО и укажуваат „дека за евроатлантската интеграција на државата постои заедничка одговорност и на владејачките и на опозициските партии во Република Македонија“. Тие укажуваат дека „само политички аргументи и програми поддржани од граѓаните се демократскиот начин да се добијат избори“.
Во декларацијата се вели дека „парламентарните избори во Република Македонија беа слободни и фер, согласно со нотираното во извештаите на ОБСЕ и ПС на Совет на Европа“.
Потписниците кои воедно се од различен политички спектар во Европа бараат „продолжување на политичкиот дијалог и одговорно однесување на опозициските социјалдемократи и целосно искористување на нивните мандати во Собранието на Македонија“, а воедно и „слободна и независна судска постапка според највисоките европски стандарди и целосна транспарентна постапка“.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа