Продолжува грижата: Посебен додаток за децата со Даунов синдром

 

Лицата со попреченост се луѓе со кои го делиме секојдневието и животот. Со нивните капацитети и можности, тие допринесуваат значително во секој сегмент од општественото живеење. А ние како институции, како чинители сме должни да им подадеме рака, да им овозможиме услови за личен напредок и надградување. А најважно од се да чувствуваат сигурно и прифатено.

Ова денеска го истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој присуствуваше на манифестацијата за одбележувањето на Светскиот ден на лицата со Даунов синдром.

Државата и Министерството за труд и социјална политика спроведува низа мерки и проекти наменети за нив, нагласи Спасов, со кои  суштинско значење се дава на соработката со невладините организации и здруженија кои ги застапуваат. Секако во овој контекст спаѓаат и лицата со Даунов синдром.

-Во поглед на подобрување на статусот овие лица,  ќе се овозможи остварување на право на посебен додаток и за децата со Даунов синдром. Исто така во насока на подобрување на финансиската состојба на материјално необезбедени родители корисници на социјална парична помош и постојана парична помош кои имаат дете  кое има пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години живот, ќе се зголеми  износот  на  посебниот додаток  за 25% од 1 јуни 2015 година, истакна Спасов.

Со подршка Уницеф, се спроведуваат обуки за работа со деца со попреченост, во детските градинки каде бројот на овие деца е најголем. Пристапот кон децата со попреченост вклучувајќи и децата со Даунов синдром од најрана возраст, во голема мера ја гради сликата за нив и за нивните капацитети, и нивната прифатеност во заедницата.

-Правото на исполнето детство го имаат и овие дечиња, од таа причина се пристапи кон изградба на седум инклузивни игралишта а  планирано е  да се изградат уште три.

Скоро беше отворен Центар за Даунов синдром во Битола, со подршка на министерството за труд и социјална политика, кој треба да им овозможи развој на социјални и когнитивни вештини на децата со Даунов синдром, но и да обезбеди подршка на родителите преку континуирани обуки за постапување со овие деца, доаде Спасов.

Во однос на правата на лицата со Даунов синдром, нагласи тој,  се пристапува мултиресорски и партнерски меѓу здруженијата кои ги застапуваат и соодветни институции. Токму затоа се спроведуваат иницијативи во образованието, здравството како и воведување на електронска евиденција на лица со попреченост.

-Децата со попреченост имаат право на ослободување од плаќање партиципација,  согласно член 34 од Законот за здравствено осигурување, при користење на здравствени услуги на сите нивоа на здравствена заштита, лекови и здравствени услуги за одобрено лекување во странство наведено во член 32 од Законот за здравствено осигурување. Одговорноста кон лицата со Даунов синдром лежи во секој од нас. Секој со своето однесување, со немањето предрасуди, со потготвеноста да ги прифати и подржи, гради мост на заедништво, заклучи министерот за труд и социјална политика.

 

 

Оцени ја веста

21.03.2015 - 13:11
Фото: 
академик

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега