Светски ден на лицата со Даунов синдром
Светски ден на лицата со Даунов синдром денеска во Mакедонија ќе биде одбележан со еднодневен инклузивен танц фестивал под мотото „Имам можности, имам избор, во организација на „Трисомија 21“ – Скопје во соработка со танцовиот клуб Dancers United MK.
На фестивалот своите танцувачки способности ќе ги демонстрираат околу стотина изведувачи од Македонија, со и без попреченост, на различни возрасти и во различни танцови дисциплини (модерен танц, латино, народни ора, класичен балет).
Ќе учествуваат членови од повеќе танц-клубови “Dancers United MK“ (меѓу кои и изведувачи со Даунов синдром), Балетско студио „Балерина“, Културно уметничко друштво „Никола Јанков Вапцаров“, Студио за модерни танци „Брејк а Лег“ и Танцов Клуб „АЉУА “.
Идејата, велат организаторите, е да се покаже дека е важно на лицата со Даунов синдром да им се даде избор и можност да се изразуваат, со цел развој на нивните способности и целосно вклучување во општеството. Покрај домашни изведувачи, на фестивалот ќе учествува и Сара Горди – актерка и танчерка со Даунов синдром од Велика Британија, која со години е јавна личност и активно работи на подигнување на свеста за способностите на лицата со Даунов синдром. Таа танцува во рамки на иницијативата Culture Device Tanc Project
Танц фестивалот ќе се одржи во Театар Комедија, со почеток во 12 часот.
Во 20 часот во Концепт 37 ќе биде организиран и Танц-караоке – отворен настан во кој може да учествува секој што сака да се обиде да се изрази преку танцување, а ќе треба да изведе кореографија на омилената песна. Целта е да се надминат бариерите кои ги поставуваат категориите, без разлика дали се тие во однос на способностите, возраста или танц-дисциплината.
Влезот и за двата настана е бесплатен.
Светскиот ден на лицата со Даунов синдром се одбележува секоја година на 21 Март – симболично одбран датум поради трите копии на 21-от хромозом (трисомија 21) што се присутни во клетките на лицата со оваа состојба.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа