Адеми: При креирањето стручни струки да се консултира стопанството
Да се преземат конкретни мерки за квалитетно и навремено насочување на основците кон средните стручни училишта согласно нивните афинитети и вештини, а во процесот да се вклучат сите засегнати страни - Министерството за образование и наука, директорите на школите, родителите и стопанството.
Ова е заклучокот од денешната средба на министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми со претставници на Сојузот на албанските наставници и директорите на средните и основните училишта од околината на Скопје.
- Секое основно училиште треба да изготви план за ориентирање на учениците кој ќе почне да се реализира порано со цел нивно подобро информирање, а педагозите и психолозите да работат индивидуално со нив. За оваа цел е потребно да се вклучат и родителите, рече Адеми на средбата.
Министерот сугерира, успешни бизнисмени кои имаат завршено стручно средно образование или стручна техничка насока на факултет да оддржат предавања за учениците од средните училишта, да се консултираат стопанските комори во дефинирање на насоките на стручните училишта и да се спречи непочитувањето на критериумите од конкурсот за упис во средните училишта.
Според него, директорите треба да преземат мерки за унапредување на училиштата, а насоките да ги прилагодат на потребите на приватниот сектор. Министерството за образование, пак, општините и директорите, во креирањето на политиките да ги вклучат и релевантните фактори или засегнатите страни.
Адеми смета дека средните училиштата со насоки - гимназија, економија и медицина треба прецизно да ги почитуваат условите за упис.
Како што соопшти Министерството за образование, на средбата била констатирана потребата од квалитетно информирање на учениците за уписот, предностите на изборот на соодветна насока и можностите кои ги добиваат со завршување стручно средно училиште.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа