Груевски по Самитот на ЕПП: Добра можност да се соопшти вистината за случувањата во Македонија

 
Европските политички лидери во рамки на Европската народна партија (ЕПП), на денешниот партиски Самит во Брисел, лично од премиерот Никола Груевски беа запознаени со, како што рече, вистината за случувањата во Македонија, јавува дописникот на МИА од Брисел.
 
Самитот на најголемата и најбројна партија во Европскиот парламент, на кој присуствуваа и европската лидерска двојка Жан-Клод Јункер и Доналд Туск, германската канцеларка Ангела Меркел, унгарскиот премиер Виктор Орбан, Никола Саркози и други, премиерот Груевски го искористи за неколку неформални средби со присутните од европската политичка елита.
 
- Темата на Самитот беше поврзана со проблемите што Европската унија ги има со Украина, со финансиските и политичките состојби во Грција наспроти Монетарната унија и теми, исто така, поврзани со случувањата во ЕУ. На маргините на Самитот, имав можност да поразговарам со неколкумина и да ги пренесам информациите од Македонија и она што се случува, за вистината и нашите очекувања и намери за понатаму, посочи премиерот Груевски во изјава за МИА по Самитот на ЕПП.
 
Претседателот на македонската Влада истакна дека на денешниот Самит, меѓу другите, имал можност да се види и со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, со кого накусо поразговарале за актуелната ситуација и можните идни чекори.
 
- Беше корисно да се биде тука, не само да се следат европските текови и случувања во врска со покрупните проблеми во Европа, туку и да се искористи можноста да се промовира нашата држава, да се испратат пораки, информации и да се кажат детали што тука не ги знаат и не ги примиле како информации, а со цел да се расчистат работите, додаде Груевски.
 
Претпладнево, Груевски во Брисел оствари средба со првиот човек на најголемата Европска народна партија (ЕПП), Жозеф Дол, на кој претседателот на ЕПП даде силна поддршка на Република Македонија и посочи дека очекува враќање на македонската опозиција во Собранието. Дол на Груевски му ја истакнал важноста од продолжување на реформскиот процес во Македонија и ветил личен ангажман за поддршка и помош на Република Македонија во напредување во нејзините европски интеграции.
 

 

Оцени ја веста

19.03.2015 - 16:23
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега