Средба на претседателот Иванов со амбасадорите на САД, ЕУ, ОБСЕ и претставникот на НАТО
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска ги прими амбасадор на Соединетите Американски Држави Џес Бејли, шефот на Делегацијата на Европската унија Аиво Орав, претставникот на Мисијата на ОБСЕ Мариан Берц и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО, капетан Румен Радев.
На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателот Иванов, биле разменети мислења и информации околу актуелната политичка состојба во Република Македонија, како и за состојбите и очекувањата во врска со членството на Република Македонија во ЕУ и во НАТО.
Претседателот Иванов истакнал дека Република Македонија високо ги цени партнерството и пријателството кои во континуитет се развиваат со САД, ЕУ, НАТО и ОБСЕ.
Македонскиот претседател изразил благодарност до соговорниците за нивната посветеност кон надминување на предизвиците поврзани со актуелната политичка состојба во земјата, како и за поддршката која Република Македонија ја добива во насока на реализација на надворешно-политичките стратешки приоритети.
Претседателот Иванов потенцирал дека евроатлантската интеграција на Република Македонија, не само што претставува највисока стратешка цел за земјата, туку истата има огромна кохезивна и трансформирачка моќ во македонското општество. Дијалогот, како што посочил претседателот Иванов, останува единствениот начин преку кој се надминуваат сите предизвици и сите општествени фактори имаат одговорност за интересите на граѓаните и на државата.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа