Груевски: Дол ја поддржува Македонија и очекува опозицијата да се врати во Собрание
Премиерот Никола Груевски, претпладнево оствари средба со првиот човек на најголемата Европска народна партија (ЕПП), Жозеф Дол, кој даде силна поддршка на Република Македонија и изрази очекување за враќање на македонската опозиција во Собранието.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, на разговорот кој се одржа пред Самитот на европската десница во Брисел, Дол на Груевски му ја истакнал важноста од продолжување на реформскиот процес во Македонија. Исто така, Дол на состанокот изразил волја и лично да се ангажира за поддршка и помош на Република Македонија во напредување на нејзините европски интеграции.
- На денешната средба со претседателот на најмоќната политичка групација во Европската унија, јас го информирав Дол за состојбите во Република Македонија, вклучително и актуелните состојби поврзани со случајот “Пуч” и деталите околу него. Тој внимателно слушаше и прашуваше за одредени детали и многу се интересираше. Неговото мислење е дека македонската опозиција треба да се врати во Парламентот и таму да се разрешат работите, истакна премиерот Груевски во изјава за МИА по средбата.
Според претседателот на македонската Влада, Жозеф Дол превзел обврска и понатаму да го следи одблиску случајот, да се информира и доколку е потребно и лично да помогне во иднина.
Во моментов, Никола Груевски присуствува на Самитот на Европската народна партија, на кој покрај него се наоѓаат и шефови на партии и политички лидери од европската десница, меѓу кои и претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет, Жан-Клод Јункер и Доналд Туск.
Оцени ја веста
19.03.2015 - 12:49
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа