84 илјади евра помош од ЕУ за поплавените во Македонија

 

Европската комисија ќе додели 84.236 евра за помош на настраданите во поплавите во Македонија во текот на јануари и февруари кои причинија значителна материјална штета, а во кои според Меѓународната федерација на Црвен крст (ИФРЦ), погодени се 100.000 луѓе, пренесе МИА.

Како што соопшти Делеагацијата на ЕК во Македонија, финансиската помош на ЕУ, обезбедена преку Фондот за итно надминување катастрофи на Црвениот крст (ДРЕФ), ќе ја поддржи тековната помош на локалниот Црвен крст за надминување на последиците од поплавите.

 

Помошта ќе се користи за дистрибуција на храна, хигиенски материјали и други основни средства како што се облека и ќебиња. На директен начин, помошта ќе ја користат речиси 1.000 семјества (околу 4.000 луѓе).

ЕК потпиша спогодба за хуманитарна помош со Црвениот крст во износ од 3 милиони евра со Меѓународната федерација на Црвен крст и Црвената полумесечина (ИФРЦ) за поддршка на Фондот за итно надминување на катастрофи (ДРЕФ). Фондовите од ДРЕФ најчесто се доделуваат за катастрофи од „ниско ниво“ – за кои не е потребно формално меѓународно барање.

 

Фондот за итно надминување на катастрофи  е формиран во 1985-та година и е поддржан со придонеси од донатори. Секогаш кога на Црвениот крст или на Црвената полумесечина им е потребна итна финансиска помош за надминување на последиците од катастрофи, ИФРЦ доделува грантови од Фондот, кои потоа може да се дополнат од донатори. Спогодбата за придонес помеѓу ИФРЦ и Европската комисија овозможува надополнување на активностите на ДРЕФ (согласно нивниот хуманитарен мандат) до вкупен износ од 3 милиони евра.

 

 

Оцени ја веста

19.03.2015 - 11:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега