Поминаа измените во законот за лични карти во Македонија - ова се новостите
Собранието на Република Македонија во попладневниот дел од денешната работа по 39-тата седница ги прифати во прво читање измените на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните и заклучи дека можат да се дадат на натамошно читање. Со нив, како што појасни министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, се предлага при промена на живеалиштето, граѓанинот да го одјави претходното живеалиште. Тој е должен во рок од осум дена да ја пријави адресата каде живее. Пратеничката Роза Топузова – Каревска оцени дека во законот има позитивни решенија како што е она што се однесува за лицата сместени во социјални или здравствени установи и за граѓаните кои живеат во бесправно изградени објекти. Според неа, она што е негативно во законот е тоа што се предлага доколку граѓанинот не може да достави доказ за сопственост или дека живее под закуп, може кон барањето да достави изјава на сопственикот на стан каде живее. На ова реагираше министерката Јанкуловска, истакнувајќи дека секој одговара за неточна изјава и за податоците што ги дава во неа.
Џевад Адеми замоли во името на пратеничката група на ДУИ да се повлече предложеното законско решение, како и измените на Законот за лична карта. - Граѓаните Албанци овие измени ги доживуваат како штетни и непотребни и бараат од мене и од пратеничката група на ДУИ да направиме се што е во наша моќ тие да не се донесат. Затоа пратеничката група на ДУИ овие измени не ги поддржува и со сите процедурални начини во согласност со Деловникот за работа нема да дозволиме да се донесат, рече Адеми. На ова реагираше Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ кој истакна дека како пратеничка група имаат чувство за тоа, но неприфатлив е пристапот да не се дозволи донесување на закон. - Треба да се разговара. Веќе на ниво на пратенички групи се обидовме да разговараме за овие два закона, но треба да разговараме со аргументи. Носењето на закони кои тангираат интерес од било која етничка заедница мора да оди со принципот на политички сенс и затоа и дел од овие законски регулативи се носат со Бадентерово мнозинство што е на некој начин гаранција дека нема да бидат нарушени правата на етничките заедници, рече Димовски.
Пратениците ги прифатија во прво читање и дополнувањето на Законот за лична карта со кој се овозможува да се аплицира за издавање на лична карта и во местото каде граѓанинот има пријавено престојувалиште, како и барањето да може да се поднесе и надвор од просториите на МВР, како и на Законот за техничка инспекција со кое се предлага проширување на надлежноста на техничкиот инспекторат, односно тој да постапува и според одредбите од Предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, во делот кој што се однесува на санкционирањето на работодавачите кај кои ќе бидат затекнати лица со кои не е заснован работен однос.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа