Се проектира нов експресен пат Ранковце- Крива Паланка- граничен премин Деве Баир
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Владо Мисајловски, денеска изврши увид на големото свлечиште на локалниот пат Крива Паланка- село Дурачка Река, настанато како последица од јануарските поплави.
-Дојдовме на терен да ги видиме и слушнеме проблемите кои ги имаат граѓаниет на Крива Паланка, конкретно, на свлечиштето на овој локален пат. Разговаравме какви опции и можности има да се надмине овој проблем кој веќе е пријавен до Министерството за финансии како последица од поплавите. Се надевам експертите многу скоро ќе проценат колку средства ќе бидат потребни и со која динамика ќе ги решаваме овие проблеми, изјави Мисајловски.
Градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски, посочи дека ова свлечиште претставува голем проблем кој треба континуирано да се реши.
- Токму пооради тоа и директорот изврши увид на терен. Овој локален пат беше изграден пред неколку години, а со свлечиштето во овој дел е речиси нефункционален. Со директорот се договоривме да се изнајдат средства за санација, рече Алексовски.
Тој додаде дека на средбата разговарале и за останати проекти кои општината планира да ги реалзиаира во иднина преку Јавното претпријатие за патишта.
Мисајловски ја истакна одличната соработка со градоначалникот Алексовски и упати благодарност за поддршката која тој им ја дава за реализација на владините проекти.
- Ние сме во фаза на проектирање на нов експресен пат од Ранковце до Крива Паланка и од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. Станува збор за целосна реконструкција и рехабилитација на таа делница, а исто така сме и во фаза на проектирање на патот од Кривопаланечкиот рудник Тораница и до рудникот Саса во Македонска Каменица. Очекувам во наредниот период проектите да бидат изготвени и да се изнајдат средства за финансирање, потенцира Мисајловски.
Тој додаде дека се во преговори со Светската банка за одобрување средства за овие патишта со што веќе следната година се очекува да бидат изградени и потенцира дека особено важна е соработката со градоначалниците и локалната самоуправа за забрзана реализација на сите проекти.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа